Кога е во прашање образованието, владата веќе со години си држи една
константна линија и нема место за изненадувања. Таа секогаш излегува со нелогични предлози и проекти кои имаат само популистичка димензија и постојано ги уназадуваат, ги отежнуваат и деструираат образовните процеси, смета Партијата за движење на Турците во Македонија – ТХП
„Недостатокот на визија, потребата на гол популизам, аматерскиот пристап за жал целосно го отруја високото образование и лошите реформи целосно ја деградираа улогата на високото образование.
Во околности кога основното образование во одредени места се одвива буквално во праисториски услови, кога владата не сака да потроши неколку десетици илјади евра да преведе книги на јазиците од етничките заедници, кога студентските домови се хорор домови и буквално студентите се приморани да се хранат со инсекти, им паѓаат плафони, спијат во руинирани студени соби, кога цело време бројот на факултетите низ државата расте а квалитетот рапидно опаѓа ваков предлог е тотален абсурд и класичен атентат врз високото образование.
Целта не треба да биде да има што повеќе универзитети, туку основната цел и идеја треба да се насочени кон тоа како да создадеме високорангиран универзитет кој ќе биде препознатлив не само во Македонија, туку и во регионот па и пошироко.
Целта треба да ни биде да создадеме пред сѐ квалитетно основно и средно образование. Нешто што страшно му фали на ова општество.
Имено дали со ваквиот потег владата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со идеолошката определба на гетоизација на малцинските етнички групи? Дали се претставуваат два универзитета, едниот на македонски а другиот на албански јазик со цел повторно да се разединува општеството по етничка основа? Која е потребата на две различни институции, зошто не би можело да се функционира под едно име, еден универзитет и со повеќе јазична настава?
Дали целта на овие универзитети е инсталирање на сопствени партиски кадри на овие универзитети? Зошто се одбива на примање на нови кадри во педагошкиот факултет на Турски јазик како и на филолошкиот факултет катедрата на турски јазик и книжевност? А имате буџет да создадете два нови универзитети за еден месец? До кога ќе продолжете со вакви двојни стандарди и популистичко-маркетиншки пристап?“, стои во соопштението од ТХП.