Теофиловски на слобода додека Обвинителството и судот се убедуваат дали има имунитет

Од:

Обвинителството чека судот да одлучи за определување мерка притвор за членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, а судијата на претходна постапка, Седат Реџепагиќ, е дециден дека одуката е веќе донесена. Додека трае спрегата и различното толкување на законите меѓу двете институции, сомнежот за бегство на Теофиловски што го има Обвинителството и натаму останува заедно со неговата слобода. Обвинителството смета дека Теофиловски моментно нема имунитет бидејќи не ја извршува судиската функција. Судијата Реџепагиќ за „А1он“ вели дека на седница Судскиот совет му го симнал имунитетот на Теофиловски по однос на водење кривична постапка против него, а не и за определување мерка за обезбедување присуство.

„Рочиште нема бидејќи обвинетиот претходно се појави и се повика на својот имунитет. Имаше одлука на Судскиот совет, која ја знае и јавноста. Имунитетот и натаму го штити Теофиловски од притвор, а одземен му е само за против него да може се води кривична постапка. Нема нови поднесоци од Обвинителството“, рече Реџепагиќ за „А1он“.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пак, и натаму очекува судијата да одлучи по нивниот предлог за определување притвор на Теофиловски. Тие сметаат дека судијата не смеел да побара Судскиот совет да одлучи дали на осомничениот ќе му биде одземен имунитетот бидејќи, според Уставот и законите, додека тој не ја извршува функцијата на судија, нема имунитет.

„На рочиштето, на кое осомничениот самоиницијативно се појави по 24-часовна недостапност, судијата на претходна постапка одлучи да побара Судскиот совет да реши дали на осомничениот ќе му биде одземен судискиот имунитет што во овој момент во согласност со Уставот и законите како резултат на функцијата што ја извршува му е во мирување. Очекуваме судијата на претходна постапка да одлучи по нашиот предлог“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Теофиловски е осомничен дека кон крајот на август 2011 година како тогаш одговорно лице – претседател на спортско здружение од Тетово, со намера противправно да се изврши упис на право на сопственост поднесувајќи лажни докази, почнал постапка за легализација. Со стореното кривично дело осомничените се гонат поради нанесена штета на буџетот од речиси 860 илјади евра.

Би можело да ве интересира

Судски совет донесе заклучок за продолжување на постапката за избор на двајца членови на Советот

Судски совет донесе одлука за пензионирање на двајца судии

Судски совет ги оспори пред Уставен суд законските измени со кои се стопираше зголемувањето на платите на судиите

Судски совет: Со интервенција во законот директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите

Ѓорѓи Андонов и Тодор Поп Панев избрани за судии во Апелациониот суд Штип

Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ