Тензична атмосфера на денешната јавна седница на Апелацискиот суд за случајот „Диво Насеље“. На почетокот од седницата осудените побараа меѓународна истрага и кажаа дека ова е Албанија, дека не го признаваат судот и дека адвокатите кои им се доделени немаат право да говорат наместо нив.
Осудениците испраќаа пцовки и навредливи зборови кон Судечкиот совет на чие чело е судијката Цветанка Периќ.
Осудениот Валдет Зека на судијката Периќ исто така и кажа дека е избеглица и дека е дојдена овде во Албанија.
„За нас судот не постои. Ова е Албанија. Адвокатите кои ни се доделени немаат право да говорат наместо нас. Четири години слушаме, сега послушајте не нас“, рече Генц Сефај, осуден за „Диво насеље“.
На самиот старт на јавната седница обвинетиот Сефај повика на една минута молк за загинатите во „Диво насеље“.
Осудениците пред Судот кажаа дека целиот судски процес е изрежиран од страна на коалицијата Груевски – Ахмети и побараа како сведоци да бидат прифатени, екс-премиерот Никола Груевски, екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, Али Ахмети, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Стојанче Ангелов, Муса Џафери, Садула Дураку и останати високи поранешни и актуелни функционери на ДУИ.
По ова осудениците ја напуштија јавната седница која ќе продолжи само во присуство на нивните адвокати.
Основниот суд Скопје 1 изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На шеснаесет обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Република Северна Македонија.
Виктор Јованов