Откривме нови врски меѓу старите и новите газди на телевизии, тазе медиумски миленици што грабаат владини реклами, а отвораме сомнежи како лојални секретарки и обични работници го заложуваат името за да ги чуваат интересите на тие на кои им е забрането да бидат газди на телевизии – политичарите
Пишуваат: Сашка Цветковска, Владо Апостолов, Мери Јордановска
Вечерен ТВ-дневник на една македонска телевизија. Уредничката разговара со бизнисмен, кој гостува преку сателитска врска. Таа е во климатизираното студио, a тој во Жена-парк спроти републичкото Собрание. Водат навидум здодевен разговор, еден од оние чија цел е да ги пополнат вестите и попатно да пофалат некоја економска мерка на владата.
Среде муабетот срипува човек и пред камерата почнува да вика колку што го држи гласот:
– Лажете бе, сè лажете!
Камерманот бргу го одвлекува „падобранецот“, меѓутоа сцената стана симбол на загубената доверба во медиумите.
За ова говори и последното истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од 2013 година, според кое, граѓаните само на партиите помалку им веруваат отколку на медиумите.
Не толку одамна, еден центар го контролираше јавниот збор, постоеше само една партија, а државата единствена основаше медиуми. По 23 години независност, истражувавме дали плурализмот вистински го освоил етерот или само еден центар на контрола се замени со друг под плаштот на демократијата.
Откривме нови врски меѓу старите и новите газди на телевизии, тазе медиумски миленици што грабаат владини реклами, а отвораме сомнежи како лојални секретарки и обични работници го заложуваат името за да ги чуваат интересите на тие на кои им е забрането да бидат газди на телевизии – политичарите.
КАНАЛ 5, ЕМ „МАЖЕНА“, ЕМ СТОЈМЕНОВА
На функционерите во Македонија одамна им е забрането да поседуваат медиуми, меѓутоа законот никој не го почитуваше. Дури во 2012 година, тогашниот Совет за радиодифузија одлучно им даде рок на сопствениците на спорните телевизии да изберат што ќе прават – дали ќе се откажат од телевизиите или од фотелјите.
Газдата на Сител, Љубисав Иванов-Ѕинго беше дел од парламентарното мнозинство и тој ја батали пратеничката функција, но син му Горан Ивановски продолжи да раководи со телевизијата, а Ѕинговите социјалисти сè уште се дел од владината коалиција „За подобра Македонија“.
Тогашниот колега на Иванов од пратеничките клупи, Борис Стојменов одлучи да ја продаде Канал 5 на Вања Гавриловски, кој во тоа време беше директор на „11 Октомври“, печатницата што ги изработува македонските банкноти.
Врските меѓу Стојменов и Гавриловски не се сведуваат само на обичен купопродажен договор. Годинава, НОВА откри дека Стојменови и новиот сопственик на Канал 5 се познаваат одамна, уште од 1999 година, кога синот на Стојменов, Марјан, неговата сопруга, која е државен советник во Министерството за правда, и Гавриловски отвориле заедничка фирма во офшор-дестинацијата Панама.
Успеавме да најдеме нова врска меѓу Стојменов и новиот газда на Канал 5. Гавриловски во 2012 година, откако ја презел телевизијата, ја напуштил менаџерската позиција во печатницата „11 Октомври“, меѓутоа останал во органите на компанијата како член на управниот одбор.
Заедно со него, претставник во управниот одбор на печатницата „11 Октомври“ е и извесна Јелица Псалтирова.
Документите до кои дојдовме откриваат дека токму Псалтирова е управител на „Економско биро“, компанија во сопственост на Марјан Стојменов. Таа работи во фирми на Стојменови уште од 1996 година и извори во компанијата велат дека со години му била лична секретарка на Борис Стојменов и негов човек од доверба.
Врските меѓу стариот и новиот газда се поиндикативни во случајот со Канал 5 плус. Таа е телевизија со сателитска национална концесија, која Борис Стојменов ја стартуваше во 2008 година, меѓутоа четири години подоцна беше присилен да се откаже и од неа.
Стојменов сениор му ја продал телевизијата на извесен Дејан Митев, меѓутоа документите до кои дојдовме откриваат тесни врски меѓу него и Митев.
Митев е управител на фирмата „ТЦЦ Еуромак ДООЕЛ“, чиј газда е Марјан Стојменов, а истиот човек претходно бил вработен во „Еуро мак хотели“, која е дел од бизнис-империјата на Стојменови.
Борис Стојменов не одговори на ниту една порака или повик за да ги образложи наодите до кои дојдовме.
Слично како и во случајот на Канал 5 плус, и телевизија Сител својата телевизија-ќерка му ја продала на свој вработен. Зоран Додевски не ѝ е познат на македонската јавност, меѓутоа документите зборуваат дека човекот работи во Сител, а истовремено е газда и управител на сателитската Сител 3.
Новите газди на Канал 5 плус и на Сител 3 ја немаа таа среќа нивната телевизија од сателитски да стане национален медиум со концесија што му дава право да зрачи низ цела Македонија преку антена.
Единствено телевизија Алфа во 2013 година го доби тоа право, заземајќи ѝ го местото на згаснатата А1, со што влезе во големото ТВ-друштво со Сител, Канал 5, Телма и со Алсат – М.
АЛФА ПРОФИТ СО ОМЕГА РЕЈТИНГ
Минатата, 2013 година, по многу нешта е пресвртна за Алфа. Освен националната концесија, телевизијата доби нов сопственик, друго уредништво и доживеа финансиски пресврт.
Алфа, лани, во просек емитувала 15 владини спотови дневно, а колку за илустрација, вториот најголем корисник на владини реклами по оваа телевизија е Канал 5, со четири спота на ден, а трета е Сител со два.
Според официјалните бројки што ги добивме по нашето барање за слободен пристап до информации, лани владата на Алфа објавила 5.295 спота, додека на Сител, Канал 5, Телма и на Алсат – М заедно пуштила 3.874.
Бројките што ги добивме за тековната 2014 година се однесуваат само на периодот од јануари до јуни, но и во оваа статистика Алфа е шампион.
Меѓутоа, на листата на рејтинзи според податоците од Агенцијата за медиуми, Алфа во 2013 година е речиси на дното по гледаност со рејтинг од 3,2 проценти и единствено Телма има незначително помала гледаност од три проценти за истата година.
Владата, во јануари годинава, во медиумска полемика со Телма во врска со рекламниот колач, преку соопштение тврдеше дека владините реклами и цените за нивно емитување се прават во согласност со рејтинзите на телевизиите и дека „владата не е виновна што Телма котира послабо на листите во однос на другите телевизии“.
Во текот на нашето истражување немавме увид во ценовниците по кои Алфа ѝ наплаќа на владата за спотови, ниту, пак, во деталното финансиско работење на телевизијата.
Но, од јавните податоци увидовме дека со промената на концесијата и на сопственикот, Алфа, не само што почнала да работи со добивка, туку успеала да ги зголеми приходите за речиси 85 отсто во споредба со 2012 година, кога, пак, регистрирала загуби.
„Хипотетички, ако сопственикот на МПМ реши да купи телевизија, тоа ќе биде против законот и не верувам дека некој ќе влета во таква бизнис-релација бидејќи законот јасно одредува дека сопственик на печатен медиум не смее да биде сопственик и на телевизија“.
Ова, во септември 2012 година, го изјави директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски, во интервју за „Нова Македонија“ одговарајќи на прашање дали газдата на групацијата Медија принт Македонија (МПМ) би можел да биде сопственик и на електронски медиум.
Шпекулациите се потврдија следната година, кога српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ и формално стана мнозински сопственик на Алфа, а поседува и третина од уделите во МПМ, односно во весниците „Дневник“, „Вест“, „Утрински“, „Теа модерна“ и во порталот „Телеграф“.
Ерата на српскиот тајкун во Алфа засекогаш го смени имиџот на критички медиум, кој важеше за коректив на владините политики.
Алфа почна да емитува програма во 2008 година, мнозински сопственик во тоа време беше бизнисменот Штерјо Наков преку компанијата „Фершпед“, бизнисмен кој се смета за близок до сегашната опозиција.
Во ноември 2012 година, Јевросимовиќ преку својата македонска компанија ЦХС Инвестмент откупи 56 отсто од акциите.
Веднаш по преземањето се случија и првите промени во редакцијата кога се објави информацијата дека новинари од „Вечер“ и од Сител, како и новинари од јавниот сервис МТВ преминуваат во Алфа.
Неколку месеци по промената на сопственичката структура, односно за време на последните локални избори, телевизија Алфа стана еден од донаторите на кампањата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со донирани средства во износ од 78.000 евра.
Од програмата на Aлфа беше симната дебатната емисија „Вин-вин“ на новинарката Оливера Трајковска, а јавноста никогаш не доби објаснување зошто се прекинува проектот.
Од друга страна, партнери на Веселин Јевросимовиќ во МПМ се Орце Камчев и Срѓан Керим. Камчев е пријател со директорот на тајната полиција и прв братучед на премиерот, Сашо Мијалков, а со таа улога може да се пофали и Керим.
Тој, во јавноста е познат по скандалот „Шише со 750.000 евра“, кога згаснатата А1 телевизија објави дека унгарските цариници го фатиле неговиот шофер на граница, во обид да пренесе 750.000 евра скриени во шише, во Австрија.
Јевросимовиќ е основач на компанијата „Комтрејд“ во Србија, која во 2009 година го доби тендерот за набавка на компјутери за деца во основните училишта, во вредност од 11,7 милиони евра. Во рамките на овој тендер, Јевросимовиќ на македонската влада ѝ продаде 55.000 компјутери за учениците до трето одделение.
ВЛАДИНИТЕ РЕКЛАМИ ГИ ОДРЖУВААТ ВО ЖИВОТ
Тоа што останува енигма во сиот овој медиумски бизнис заплеткан во лавиринти е колку пари, всушност, чинат владините реклами, преку кои се полнат касите на најголемите медиуми во земјава. Точно 2,5месеци траеја и сè уште траат нашите обиди преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер да добиеме одговор од владата и од други државни институции, во кои медиуми се емитувала одредена кампања и колку точно пари се слеале на сметката на медиумот.
До владата испративме шест барања за слободен пристап до информации од јавен карактер во почетокот на септември 2014 година. Баравме да ни се достави листата на сите медиуми каде што се емитувала одредена владина кампања и колку пари биле исплатени за секој медиум одделно.
И по истекот на 30-те дена од законски предвидениот рок, одговор не добивме. Поднесовме жалба до Комисијата за пристап до информации од јавен карактер, а чекањето продолжи.
„Што да правиме, се обративме до Генералниот секретаријат на Владата, и ние чекаме да се произјаснат“, ни одговорија од комисијата.
Помина уште еден месец, кога оваа институција го задолжи Генералниот секретаријат на владата да ни одговори на барањето, пред да се премине кон следниот чекор – поднесување тужба до Управниот суд.
Одговорот стигна кон средината на ноември 2014 година – напишан на 2 страници, од кои на едната страница беа цитирани нашите барања.
„Детална листа на сите медиуми (електронски, печатени), во однос на предметните кампањи од вашето барање, владата ги има објавено на веб-порталот на владата“, се вели во одговорот.
На ова, повторно поднесовме жалба до комисијата за пристап до информации, бидејќи владата на својата веб-страница ја има листата на медиуми, но не и цената за тоа колку пари бил исплатен на секој медиум одделно.
Од сите испратени барања за пристап до информации, за парите што од државната каса се слеваат во медиумите, одговор добивме само од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Сите други државни институции до кои испративме барања (ЕЛЕМ, Државна изборна комисија, Министерство за образование, Македонски пошти…) ни ги испратија единствено договорите со маркетинг-агенциите за емитување на рекламите. Но, она што е општопознато е дека државните пари за владини реклами не се слеваат единствено на сметките на маркетинг-агенциите, туку и директно во медиумите, за што опозицискиот СДСМ во неколку пригоди обелодени документи во јавноста.
Владата е втор најголем огласувач во електронските медиуми, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ на четврто. Според Агенцијата за медиуми, само во 2013 година, владата и ВМРО-ДПМНЕ заедно емитувале 21.780 спота на телевизиите. Тоа значи дека македонските граѓани дневно имале можност да гледаат по речиси 60 спота дневно за успесите на власта, реформите во здравството и јавната администрација, како и давањето поуки за здрава храна и многудетно семејство. Сето ова, платено со пари од буџетот, слеани директно на сметките на омилените медиуми на власта.
(Оваа публикација е развиена во рамките на проектот со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Содржината на оваа публикација е во целосна одговорност на авторите и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Норвешка)