Течниот нафтен гас намален за пет денари за литар

Од:

„Макпетрол“ од полноќ ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас за пет денари за литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од десет денари за килограм, што во пресметка значи приближно пет денари за литар – изјави денеска на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

– Она што е особено значајно е дека и другите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од пет до шет денари за литар и се движат од 53 до 54 денари. Почитувани, ова не е уште еден изолиран чекор, туку системска реакција на пазарот, која доаѓа како резултат на јасен институционален сигнал и координација – рече Митева.

Таа истакна дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците за намалување на бруто-маржите. Постигнавме согласност, продолжи Митева, овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период да немаме осцилации, кои сега ќе ги имаме оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10 отсто во трговијата на големо и за 9 до 10 отсто во малопродажба ќе имаме намалување.

– Оваа мерка дојде преку аргументирана анализа и институционално дејствување. Врз основа на детална анализа спроведена од Државниот пазарен инспекторат, беа детектирани просторите за корекција во ценовната структура по што следуваа разговори со трговците и постигнување договор за намалување на бруто-маржите – нагласи портпаролката на Владата.

Таа изрази благодарност за општествената одговорност која се покажува и додаде дека ова е суштинската разлика во пристапот.

– Наместо декларативни политики, носиме мерки што даваат директен ефект врз цените. Наместо пасивно следење на пазарот, активно интервенираме онаму каде што постои простор за корекција во интерес на граѓаните. Ќе продолжиме со истиот пристап, со анализа, со дијалог и со конкретни резултати. Пазарот мора да функционира, но мора да биде и праведен. А интересот на граѓаните ќе остане наш врвен приоритет.

Би можело да ве интересира

ПР-службата на Владата не е таа што одлучува кои новинарски прашања заслужуваат одговор, реагира Синдикатот на новинарите

ДУИ: Владата ја турка државата кон нов бран поскапувања

Дрски и безобразни лаги, Владата ги демантира обвинувањата од СДСМ за набавка на водата за Гостивар

СДСМ: Голема грижа за граѓаните на Гостивар – бизнис зделка од 100.000 евра на Мицкоски и ВМРО со вода

ВМРО-ДПМНЕ: Секој денар од ребалансот е инвестиција во иднината

Пратениците не изгласаа недоверба на српската Влада

Горан Наумовски