Свето Благовештение – Благовец

Од:

Празник на радосната вест и на пролетната убавина. Именден празнуваат: Благоја, Благојка, Блаже, Благица итн.

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, односно на 25 март – според стариот календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица и тн.

Светото предание раскажува дека еднаш додека покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“.

Кога Света Дева Марија помислила: „Каков ќе биде овој поздрав?”, ангелот и рекол: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.

На тоа Марија зачудено прашала: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“, на што ангелот и одговорил: „Светиот дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји„. (Лука 1/27-35).

Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест, што се празнува точно девет месеци пред Божик. Но нема попрецизни податоци од кога се празнува овој празник. Се знае сигурно дека се празнувал во 7 век, но некои сведоштва укажуваат дека тој се празнувал и неколку векови порано.

Така, на пример, постои податок дека во Назарет постоела црква во спомен на Благовест што ја подигнала царицата Елена на местото каде што се случил настанот свето Благовештение.

Има и друго сведоштво дека во Назарет точно на местото на кое Архангел Гаврил и ја пренел на Богородица радосната вест била подигната црква во спомен на тој настан. А ако имаме цркви посветени на овој настан, зошто да не претпоставиме дека имало и празник посветен на светото Благовештение, уште повеќе што овој настан отсекогаш имал значајно место во животот на христијаните.

Значи, поточно би било ако се рече дека почетоците на овој празник датираат од крајот на 4 или почетокот на 5 век, а сигурни податоци за неговото празнување имаме од 6 и од 7 век.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата