Сведочење за „Пулс“: Александар Карадаковски станал управител „за да не пропадне лиценцата“

Од:

Александар се вратил од Скопје да работи во Кочани зашто бил пријател со Михајло, синот на Дејан Јованов-Деко – сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, на денешното продолжение на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се одржува во судницата во „Идризово“.

Сведокот пред судот изнесе наводи за работниот ангажман на син му во кафулето „Класик“ и во „МММ кафе“ ДООЕЛ Кочани посочувајќи дека Александар бил пријавен како управител без соодветно здравствено осигурување, што кај него предизвикало загриженост уште пред трагичниот настан.

Тој посочи дека дознал оти син му бил ставен за управител кога Александар се повредил и дознал дека нема здравствено осигурување.

Александар најпрвин работел како шанкер во кафулето „Тренд“ во Скопје, а од 2018 година почнува да работи во кафулето „Класик“ во Кочани зашто Михајло, синот на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, му бил многу близок пријател. Според извештајот од ПИОМ, таткото рече дека првото пријавување на Александар како редовно вработен е од 2021 година во кафулето „Класик“.

– На 10 јули 2024 година ми се јави пријател, тогаш возеше такси, и ми рече дека Александар го повикал во пет часот наутро да го однесе до болница бидејќи не може сам. Тогаш пријателот ме праша, знам дека Александар работи подолго време таму, зарем нема здравствено, зошто сè си плаќа сам. Тогаш го прашав Александар, ми рече нема покриено здравство. Јас му реков, тогаш пријави се во Бирото за вработување, барем ќе имаш здравствено, и тогаш тој ми кажа дека не може зашто е управител – рече сведокот.

Сведокот рече дека се изненадил и почнал да го прашува зошто си управител, на што Александар му рекол дека Деко го замолил зашто „немал кого да постави, а за да не му пропадне лиценцата“, па него го пријавил.

– Тогаш многу ме изненади и го прашав дали знае кои се одговорностите на управител и го прашав дали знае и дали оди во банка и води сметководство, ми рече – не, тоа си го прават Деко и Михајло. Мене веќе почна да ме фаќа паника и му реков да иде кај Деко и тоа да го среди. Ми рече имале уште две-три рати од кредитот, па ќе средат, но ништо од тоа – рече сведокот.

Таткото рече дека кога си дошол од Германија, каде што работел, му рекол на Александар дека тој ќе разговара со Деко и ќе се расправа.

– Ме замоли да не правам глупости и прифатив. Тогаш ми рече, Михајло толку многу се има искарано за тоа со татко му, дури и се иселил од дома. И тогаш подлегнав на неговата молба, но му дадов број од адвокат да се консултира тоа да го заврши без Деко. Рече се консултирал, да поминат празниците, ќе виделе што може, што не може – рече сведокот.

Прашан како реагирал Александар на тоа, сведокот рече дека бил многу нервозен тој период.

– Јас му вршев голем притисок, дури не сакаше да зборува за тоа и се нервираше многу, зошто беше свесен дека може да има големи давачки и долгови кон доверители и фирми. Тој период веќе и имаше одбивност да оди на работа – рече сведокот.

Прашан дали Александар имал проблеми со контроли и даночни пријави, сведокот рече дека немал такво нешто и дека никогаш не се пожалил за тоа.

На прашање од судот да објасни каде точно сè работел Александар, сведокот рече дека во 2016 работи во „Лизинг“ – Скопје, од 2016 до 2018 работи во „Тренд старс“ – Скопје, а од 11 јуни 2021, со прекин од десетина дена во јули 2024 година, кога бил пријавен во „Карго бит“, сѐ до последен момент работел во „МММ кафе“ ДООЕЛ Кочани.

– Цело време работеше во кафулето „Класик“ во Кочани. Никогаш не одеше на работа во дискотеката „Пулс“, секогаш одеше на работа во кафетеријата „Класик“ во центарот на градот – рече сведокот.

Дали некогаш бил сопственик, зошто во обвинението се води како сопственик и управител, сведокот рече – не, никогаш.

Прашан дали спомнал дека се вршело реновирање во „Пулс“, сведокот рече – да, во 2024 година, пред да се пожали на болки, бил повикан да помогне за некои физички активности во „Пулс“ за некои градежни работи.

– Тогаш бил повикан да помогне и добил повреда и отишол на лекар – рече сведокот.

На прашање на бранителот на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко дали Александар работел во фирма кај Деко или Михајло, сведокот рече дека Александар рекол дека работел кај Михајло и дека тој не знае кој е сопственик на фирмата.

Адвокатката Ивана Коцевска побара од судот да не го прифати исказот на сведокот зашто, како што рече, изнел целосно контрадикторни искази во однос на фактичките докази.

Адвокатот Јовица Страшевски реагира дека повикуваат сведоци и поставуваат прашања што се надвор од обвинението.

– Каков е односот меѓу сведокот и сега покојниот син, не придонесе со ништо кон овој кривично-правен настан. Барам да му укажете на Обвинителството дека со ваквиот начин само се одолжува постапката, а ништо не придонесуваме кон расчистување на обвинението – рече адвокатот Страшевски.

Вториот сведок за денешното рочиште, иако уредно повикан, не се појави во судница. Јавниот обвинител информира дека нема добиено известување дали отсуството е оправдано или не, на што судот реагира дека доколку сведокот не се појави на следното рочиште, ќе мора да издаде налог за спровод.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевски и се наоѓа во фаза на доказна постапка и продолжува со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредении претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Би можело да ве интересира

Судењето за „Пулс“ одложено, обвинителката Андонова вели – постапките продолжуваат без застој

Одложено e судењето против 13 полицајци за пожарот во дискотеката „Пулс“

Горан Наумовски

Судење за „Пулс“: Во општинскиот регистар дискотеката не постоела, уплатите за лиценца ги вршеле „Класик ДМ“ и „ММММ“

Општина Кочани барала на „Пулс“ да не му се издава лиценца поради несоодветна намена на објектот

Продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, за денеска повикани тројца сведоци од Општина Кочани

Обвинителството достави список за повлекување сведоци во случајот „Пулс“, судењето продолжува на 25 март