Судијката во процесот „Пулс“ – Груевска Илиевска порача: Редот и правото на одбрана се основа на фер судење

Од:

Судијката Дијана Груевска-Илиевска пред почетокот на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, повика на ред и дисциплина во судницата порачувајќи дека „без ред, нема судење” и предупреди дека секое нарушување на јавниот ред ќе биде казнето и дека тоа се однесува за сите во постапката, како оштетени, така и обвинети и бранители.

– Неколкупати досега се случува да се наруши редот, што ни го отежнува спроведувањето на постапката по закон. Сите обвинети имаат право на браниители, тоа е законско и уставно право, рече судијката.

Предупредувањето за јавноста и сите присутни во судницата во Идризово, судијката Груевска Илиевска го даде откако Ивана Коцевска, адвокатката на газдата на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, пред почетокот на денешното рочиште реагираше до судот и побара јавноста да биде исклучена, ако продолжи да го нарушува судењето.

– Доколку се случи уште едно нарушување на редот, ќе бидете исклучени од судењето, предупреди судијката и додаде дека „сите обвинети се сметаат за невини додека не се донесе конечна судска пресуда“.

Груевска Илиевска, исто така, посочи дека досега има судено и други предмети, вклучувајќи го и случајот „Дурмо Турс“, каде исто имало повеќе жртви, и каде, како што рече, присутните семејства биле „крајно коректни”.

Тензиите меѓу семејствата на загинатите и одбраната на обвинетите од претходните судења во судницата во Идризово, кулминираа за време на викендот кога родителите и блиските на загинатите, на 36. Марш за ангелите, во саботата во Кочани, разочарани, но и лути по тужбата која ја поднел синот на газдата против младите лица, кои ден по трагедијата поради трагичниот исход го демолираа кафе-барот Класик во Кочани, својот револт го искажаа преку транспарент, на кој е прикажана адвокатката Ивана Коцевска, со куфери со пари.

По ова, Коцевска, излезе со реакција, поради употреба на нејзиниот лик на транспарентите, нагласувајќи дека досега се воздржувала од секакви напади во име на емпатичноста и сочувството со болката на родителите на починатите, меѓутоа, повеќе нема простор.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува со сослушување на сведоци, предложени од Обвинителството.

Ова е прво рочиште годинава, откако претходното беше одложено по барање на бранителката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која во меѓувреме беше избрана за член на Судскиот совет.

На последното рочиште во декември, семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“, со солзи, длабоки воздишки и болни лелеци, ги слушаа сведочењата на мајките чијшто глас беше скршен од тагата. Обвинетите молчеа, со наведнати глави, додека сведоците, низ солзи полни со празнина и неизмерна болка, порачаа дека по 16 март нивниот живот засекогаш се променил.

На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.

Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.

Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.

Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Би можело да ве интересира

Брат на жртва од „Пулс“ сведочеше: Работев како келнер без договор кобната вечер

Наунов: Адвокатурата има клучна улога, но мора да се почитува траумата на семејствата

„Мојот лик е злоупотребен“ – реакција на адвокатката на сопственикот на „Пулс“

А1он

Левица: Комисии за боледување наместо лекување – административна тортура врз повредените во „Пулс“

Сиљановска-Давкова: Трагедијата во Кочани ќе нè следи цел живот, да не ги заборавиме нивните најблиски и повредените, а најмногу – правдата

Горан Наумовски

Сведок во процесот „Пулс“: Не барам сожалување, барам да ја признаете вината, нашите деца не починаа од природна смрт