„Одговорноста на судиите, казнена политика и пробиција во светло на реформата на правосудниот систем“ е тема на денешната дебата на судиите од штипското Апелациско подрчаје, во организација на Здружението на судии и на Амбасадата на САД во Македонија.
Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити вели дека веќе година и пол се води дебатата меѓу судската фела за состојбите во судската власт.
– Дебатата добива во динамика и е добро што има забелешки во однос на функционирањето. Ние и самите внатре во фелата ги истакнуваме забелешките, сега останува само да се најде начин како тие да се артикулираат, да не биде само зборување, односно излив на некое незадоволство, анализи, кои не се поткрепени во добри суштински докази, односно во суштински материјали, вели Саити.
Тој смета дека Нацрт верзијата за стратегијата на правосудниот систем во кој учествивале и како Здружение на судии е добра, но сега следи дали таа ќе се прифати од законодавната и извршната власт. Прашан за критиките на јавноста за одредени судски предмети, Саити вели дека сме сведоци на директно коментирање на предмети во различни дебати и разни форуми.
– Судиите според мене не треба да се плашат од дебати, но можеби некогаш не е најдобриот момент и место да се отворат предметите во такви форуми. Затоа што сепак се работи за одлуки на судии, кои постапуваат по конкретни предмети, а во однос на влијанието секогаш постои таа можност некој да изврши влијание врз судиите, вели Саити.
Според него, треба да се зајакнат гаранциите со кои судиите нема да бидат подложни на притисоци, а во овој момент како што рече тој, судиите можат да се заштитат согласно законот и кодексот.
Прашан во кој правец треба да одат реформите во судската власт, Саити забележа дека добро е што самата судска фела забележува дека се потребни реформи.
– Токму постапките кои се однесуваат на избор, унапредување, разрешување, дисциплинска одговорност се постапки кои обезбедуваат гаранција за независно судство и тука ние го ставаме фокусот. Тие да бидат што е пообјективни поопределиви за да можеме да бидеме во чиста ситуација како се поставуваме и во однос на овие притисоци. Вие веќе кога имате дефинирана состојба знаете на што сте, рече Саити.
Што се однесува за истрагата на СЈО за Акмис системот, Саити вели дека Комисија работи и се очекува деновиве да имаат и заклучоци. Но, на новинарско прашање дали има можности за местење на судските предмети кај одредени предмети Саити со став.
– Не сум бил во позиција на претседател на суд или човек кој го контролира системот, но не е исклучувам дека тоа не е можно, рече Саити.