Четириесетина македонски судии, новинари и адвокати денеска и утре ќе учествуваат на обука која ќе биде фокусирана на прашања за слободата на изразување во медиумите.
Обуката, која е организирана во рамките на договорот за соработка помеѓу Француската амбасада и Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, ќе ја посетуваат судиите кои водат постапки во врска со слободата на изразување, посебно кои постапуваат во предмети за клевета, адвокатите и новинарите.
Обуката ќе биде предводена од двајца француски судии, Анабел Филип заменик обвинител во Основениот суд во Париз и раководител на Секторот за печат и заштита на слободите на изразување на медиумите во Јавното обвинителство и Марк Баји, заменик претседател во Основениот суд во Париз, судија координатор на Комората за печат.
Посебен акцент ќе биде ставен на слободата на изразување на новинарите, заштитата и ограничувањата, како и одлучување за износот на надомест во случај на клевета, споредување на практиките во Франција и во Македонија.
Во февруари оваа година во соработка со Амбасадата на Франција во Македонија беше спроведена обука наменета за административните кадри на Академијата за инжентеринг на Центар за судски обуки а во месец април беше спроведена обука на предавачи.