Судењето за „Пулс“ почнува за седум дена, 38 обвинети, 15 обвинители, две рочишта неделно

Од:

Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени околу 200, ќе започне на 19 ноември во судницата на КПУ Идризово. Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица. Судењето ќе се води со темпо од две рочишта неделно, а првичните термини се закажани за 19, 25 и 26 ноември. Судот ќе преземе засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа. Надлежните упатија апел до медиумите и јавноста за достоинствено и одговорно известување, без сензационализам, со почит кон жртвите и сите страни во постапката.

На денешниот брифингот со новинарите што се одржа во судницата во Идризово, претседателката на Основниот кривичен суд, Даниела Димовска, истакна дека судот ќе ги обезбеди сите неопходни услови за фер и транспарентна постапка, со апел за почит и достоинство кон сите страни, особено кон жртвите и нивните семејства. Таа нагласи дека судот е исправен пред голема задача и дека е важно да не се подлегнува на сензационализам.

-Во постапката се опфатени 38 обвинети – 35 физички и три правни лица, во два предмети за кои сè уште нема одлука за спојување. Се преземаат безбедносни мерки, а побарана е и лекарска екипа. Оштетените сведоци нема да можат да ја следат постапката до нивното сослушување, рече Димовска.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски информираше дека обвинителството е целосно подготвено, со проширен тим од 15 обвинители, со цел да не се дозволи одложување на рочиштата. Тој рече дека доказниот материјал е обемен, но нагласи дека постапката ќе биде ефикасна и фер.

-Јавното обвинителство ќе преземе сѐ во рамки на своја надлежност и нема да дозволиме ниту едно рочиште да биде одложено по вина на обвинителството и затоа донесовме одлука за проширување на обвинителскиот тим, сега, можеби бројот ќе достигне до 15 јавни обвинители со овластувања да постапуваат по предметот. Тоа не значи дека сите постојано ќе бидат во судница. Ќе бидат присутни на првото рочиште, а потоа согласно динамиката ќе бидат присутни тимови на конкретни рочишта, појасни Коцевски.

Претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, повика на дисциплина и професионалност од страна на адвокатите, со цел да се овозможи непречено одвивање на процесот и заштита на правата на оштетените.

Со оглед на чувствителноста на случајот и бројот на оштетени – над 200 – надлежните упатија апел до медиумите и јавноста да се воздржат од сензационализам и да известуваат со сензибилитет и почит кон жртвите и нивните семејства.

Помеѓу обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата сигурност се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Би можело да ве интересира

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Одбраната на дел од обвинетите во „Пулс“ бара преиспитување на обвинението, Шилегов вели „за мене е извесен исходот со ваквиот став на ОЈО“

Обвинение за 13 полицајци за пожарот во „Пулс“ во Кочани

А1он

Гостин од „Пулс“ сведочи: Пожарот не го забележавме веднаш, пред излезот настана стампедо

Брат на жртва од „Пулс“ сведочеше: Работев како келнер без договор кобната вечер

Судијката во процесот „Пулс“ – Груевска Илиевска порача: Редот и правото на одбрана се основа на фер судење

Горан Наумовски