Судење за „Пулс“: Во општинскиот регистар дискотеката не постоела, уплатите за лиценца ги вршеле „Класик ДМ“ и „ММММ“

Од:

Во општинскиот даночен регистар на Кочани дискотеката „Пулс“ не фигурирала како правно лице, туку обврските за лиценца и фирмарина ги подмирувале правните субјекти „Класик ДМ“ и „ММММ“. Ова го истакна Дејан Рашков, раководител на општинскиот Сектор за финансиски прашања, на денешното рочиште за пожарот во кочанската дискотека.

Одговарајќи на прашања на Јавното обвинителство, Рашков појасни дека Општината нема ингеренции за издавање лиценци за ноќен клуб или кабаре, туку тоа го прави Министерството за економија, а уплатите се делат на половина меѓу централниот и локалниот буџет.

– Правното лице мора да добие решение за да ги уплати тие пари. Решението е од Министерство за економија, по тоа решение се врши уплата на уплатна сметка. Сметката е така направена од Министерство за финансии за 50 отсто да одат на сметка на Општина Кочани, 50 проценти до Буџетот – рече Рашков.

Тој посочи дека за конкретниот случај биле уплатени 246.000 денари, од кои половина легнале на сметката на Општината, но не можеше да прецизира дали износот бил за лиценца за кабаре или за дискотека. На прашањето дали имало уплати директно од дискотеката „Пулс“, сведокот беше дециден дека таков субјект не постоел во нивната евиденција.

– Кога се случи настанот имавме инспекција и ги проверувавме сите даночни обврзници и утврдивме дека како правно лице не постои – нагласи сведокот.

Во исказот Рашков рече и дека не знае колку дискотеки има во Кочани, ниту колку кабареа има во градот. Тој наведе и дека за „Класик ДМ“ дознал дури по трагичниот настан, кога, како што кажа, дознал и дека „ММММ“ е правен следбеник на „Класик ДМ“.

На ваквиот исказ реагираа родителите на загинатите во пожарот кои го следат судскиот процес, посочувајќи дека, според нив, сведокот секојдневно го посетувал кафулето „Класик“ во центарот на Кочани.

Во однос на прашањата за евентуални инспекциски надзори во објектот, Рашков, кој во периодот од јануари 2022 до декември 2023 година бил и секретар на Општина Кочани, истакна дека општинските инспектори дејствуваат независно и одговараат само пред градоначалникот, но не се под ингеренција на секретарот.

– Инспекциските служби делуваат самостојно и независно, сами може да донесуваат записници, потпишуваат и донесуваат решенија, тие имаат соодветни лиценци да го потпишат записникот, решението и целата документација во однос на Законот за инспекциски надзор. Според Законот, инспекторите и раководителите на инспекциските служби одговараат пред градоначалникот – рече Рашков и додаде дека не е запознаен дали во тој период бил извршен надзор врз објектот „Пулс“.

При вкрстеното испитување од страна на бранителката на првообвинетиот, Ивана Коцевска, Рашков потврди дека Општината ја утврдува висината на надоместокот и дека правните лица „Класик ДМ“ и „ММММ“ вршеле уплати по тој основ. Воедно, тој се согласи со констатацијата на одбраната дека сопственикот на објектот не е должен да ја извести Општината за организација на настан во кабаре или дискотека.

На денешното рочиште претходно сведочеше и раководител на Одделението за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани, кој посочи дека Општината се обратила до Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за да не се издаде лиценца за работа на дискотеката „Пулс“ бидејќи објектот се наоѓал во зона за лесна и незагадувачка индустрија.

Според исказот на сведокот, тогашниот градоначалник Ратко Димитровски побарал информација од Министерството за економија дали за компанијата е издадена лиценца, но бидејќи не добиле одговор, било испратено директно барање до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Судската постапка ќе продолжи со повикување и сослушување на преостанатите сведоци, откако одбраната на денешното рочиште не се согласи со предлогот на Јавното обвинителство за нивно помасовно повлекување од листата за испитување.

Ваквата одлука на одбраната значи дека во следниот период ќе треба да се одржат повеќе рочишта за да се исцрпи листата на сведоци што треба да дадат исказ пред судот.

Откога сите бранители се произнесоа по однос на предлогот на Обвинителството, судот констатира дека е постигната согласност за повлекување на сослушувањето на само шест лица, меѓу кои Ана Карова, Трајче Трајчов, Ангелчо Ангелков, Мартин Јосифов и Љупчо Димитровски.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. р

Би можело да ве интересира

Општина Кочани барала на „Пулс“ да не му се издава лиценца поради несоодветна намена на објектот

Продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, за денеска повикани тројца сведоци од Општина Кочани

Обвинителството достави список за повлекување сведоци во случајот „Пулс“, судењето продолжува на 25 март

ДЗС нема инспектор за редовен надзор во Кочани, вонредни се вршат само по налог или пријава, сведочи вработен во Дирекцијата за „Пулс“

Катерина Ѓуровски

Нови сведоци за пожарот во „Пулс“ денеска во судницата во Идризово

Катерина Ѓуровски

Вработена во ДЗС за „Пулс“: Елаборат и процена се клучни за безбедност