Судење за „Пулс“: Работата на Камбери била исклучиво административна – изготвување лиценци врз основа на доставена документација

Од:

Одбраната на поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини и обвинетите поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џевад Селами во своите воведни говори денеска го оспорија обвинението и негираат вина за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Судењето за пожарот во кој на 16 март годинава загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува утре со воведни зборови на претставници од Министерството за економија.

Бранителот на Џеваир Камбери од Министерството за економија, адвокатот Насер Рауфи, во воведен збор оцени дека обвинителниот акт против неговиот клиент е „изграден врз претпоставки, а не врз докази“. Според него, Камбери немал законска обврска или механизам да врши теренски увид и контрола на исполнетоста на минималните услови, бидејќи неговата работа била исклучиво административна – изготвување лиценци врз основа на доставена документација.

-Обвинетиот не е инспектор, неговата работа била да прими документација и врз основа на неа да издаде лиценца. Одговорноста за вистинитоста на таа документација лежи кај подносителот. Обвинителството тврди дека службени лица во ДЗС не постапиле според закон и не организирале надзор, а тоа ја потврдува нашата теза дека надзорот е обврска на специјализирани тела, а не на вработени во администрација. Одговорноста за трагедијата лежи кај оние што донеле одлука да работат без лиценца и кај инспекциските служби кои не спречиле вршење на нерегистрирана дејност. Таа одговорност не смее да се пренесе на административен службеник, чија последна допирна точка е издавање на лиценца во 2023 година, изјави Рауфи.

Обвинителството го товари Камбери за примање поткуп, но одбраната тврди дека двете обвиненија се неосновани. Според Рауфи, трансакцијата од 12 илјади денари преку банкарска сметка не може да се третира како поткуп, туку како позајмица.

-Поткупот е тајно, скриено дејствие – тој не се врши преку банкарски канали со цел на дознака. Обвинителството не докажа која противуслуга ја направил Камбери. Во поднесениот обвинителен акт нема доволно квалитетни докази, обвинението е збир на претпоставки, погрешни толкувања на надлежностите и процедурални пропусти. Не постои каузалитет – вистинската причина за трагедијата е нелегалното работење без лиценца и недозволената употреба на пиротехника. Камбери не е причинител на трагедијата ниту фалсификатор, туку човек чие име е злоупотребено, жртвено јагне во една легитимна но погрешно насочена потрага по правдата, нагласи адвокатот.

Рауфи додаде дека постои институционален пропуст со негонењето на давателот на мито и најави дека одбраната ќе докаже неоснованост на обвинението.

Обвинетиот Камбери се согласи со воведниот збор на неговиот бранител без дополнителни коментари.

Претходно одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, во својот воведен говор рече дека причинско-последична врска во дејствија на обвинетиот Бектеши, спротивно на законски обврски по кои е должен да постапува нема, ниту Министерството со кое управувал има надлежност за инспекциски надзор, додека дејствие на извршување е предизвиканиот пожар од пиротехника несоодветна за затворена просторија и употребена спротивно на закон за пиротехнички средства, без задолжително одобрување од МВР за користење во затворен простор.

Одбраната на поранешниот Министер за економија Ваљон Сараќини, во својот воведен говор рече дека лиценците согласно закон имаат важност од една година, а лиценцата од 2012 година не значела дозвола на „Класик М“ да обавува дејност на друга локација, да биде дискотека наместо кабаре, да прима прекумерен број на луѓе и малолетни деца пред или после полноќ и во истата да се внесуваат и користат пиротехнички средства на недозволен начин.

На денешното рочиште за случајот „Пулс“, одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, оцени дека обвинението е правно погрешно и без факти кои го поврзуваат со трагичниот пожар. Неговата бранителка, адвокатката Сузана Јошевска предупреди дека постапката се темели на „попис претворен во обвинителен акт“ и дека „ниту еден системски пропуст не создава индивидуална кривична одговорност“. Џаферовски лично порача дека „совеста му е апсолутно чиста“ и дека верува во „чесноста на правдата и праведноста на судот“.

Поранешниот директор на ДЗС Шабан Салиу, во својот воведен говор, тврди дека во периодот од 2012 до 2017 година во ДЗС никогаш не пристигнале документи со барање за давање согласност или мислења од страна на кабаре „Пулс“, ниту барање или пријава од правно или физички лица за објектот.

Случајот, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и бројни новинари.

Воведни зборови треба да дадат и одбраната на претставници од Министерството за економија меѓу кои Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ, потоа пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Би можело да ве интересира

Одбраната на Бектеши: Лиценците не се потпишани од него

(ВИДЕО) Наунов: Обвинетите се однесуваат како тие да се оштетени, како да не знаат за што се обвинети

Одбраната на обезбедувањето тврди – не постоел план за обезбедување на „Пулс“

Деко се расплака во судница: Сите знаат колку генерации пораснаа во клубот и колку се грижев за нив

Катерина Ѓуровски

Судење „Пулс“: Адвокатката на газда Деко вели „никој на Дејан ме му констатирал пропусти во работата на дискотеката“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Газда Деко и сите останати обвинети не се чувствуваат виновни по обвинението за трагедијата во „Пулс“

Катерина Ѓуровски