Судење за „Пулс“: Прочитани искази на сведоци кои не се достапни

Од:

Исказите на сведоците Дарио Трифунов и Александра Пепеларовска, дадени во Обвинителството во текот на истражната постапка беа прочитани во судницата во Идризово на денешното судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако и двајцата повеќе рочишта не се достапни на органите на прогон.

Одбраната се противеше на предлогот на Обвинителството за повлекување на овие сведоци, тврдејќи дека се клучни за утврдување на неколку клучни моменти за пожарот – кој ги внел и поставил прскалките на кобната вечер во дискотеката.

Дарио Трифунов, во исказот во Обвинителството, го опишува избувнувањето на пожарот на 16 март во дискотеката, како и евакуацијата, потрагата по останатите од друштвото со кое биле вечерта излезени, и како ги однеле во болница за укажување медицинска помош.

Сведокот Александра Пепеларовска, во исказот пред Обвинителството, објаснува за внатрешноста на дискотеката „Пулс”, но и како вечерта на пожарот видела машко лице кое не го познава како ги поставува прскалките на бината. Овој сведок го објаснува и моментот на избувнување на пожарот – посочувајќи дека две лица се обиделе да го изгаснат, и за тоа како била извлечена од обезбедувањето, за кое вели дека извлекувале и други.

По читањето на исказот на првиот сведок, одбраната на обезбедувањето реагираше, посочувајќи дека овој сведок бил задолжен да ги зачува фотографиите и видеата од трагичната вечер, но тие не биле во доказите на Обвинителството.

Одбраната тврди дека овој сведок е клучен, за како што вели, да се покаже дека Мартин Атанасовски Буцо пристигнува и влегува во дискотеката „Пулс” и освен маица не носи ништо друго, ниту ранец.

– Да беа изведени ќе отпаднеше теоријата на обвинителството дека тој ја внел пиротехниката во дискотеката и дека обезбедувањето требало да му изврши проверка – изјави адвокатот.

Одбраната реагираше на читањето на исказите на овие сведоци, обвинувајќи дека Обвинителството свесно го прави недостапни овие два – три сведока, за кои тврди дека се клучни.

– Судот можел да даде наредба да бидат спроведени, со оглед дека има информации дека едниот сведок на 2 мај бил во државата – реагираше одбраната.

Обвинителството на почетокот на денешното рочиште информираше дека добиле изјава од родителот на Дарио Трифунов, во која се вели дека неговиот син е во странство и нема да може да присуствува на денешното судење, како и во блиска иднина, а притоа, како што беше посочено, не остава никаква информација како да се контактира.

– Затоа предлагаме да се чита неговиот исказ, бидејќи ова лице како сведок е недостапно на органите на прогон – изјави обвинителство.

Судијката Дијана Груевска Илиевска, информираше дека, добиле известување од МВР дека и сведокот Александра Пепеларовска не е достапна на органите на прогон.

– Со оглед дека сведоците Дарио Трифунов и Александра Пепеларовска Судот донесе решение нивните искази дадени во текот на истражната постапка да бидат прочитани – изјави судијката.

Денешната расправа треба да продолжи со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.

Обвинителството на минатото рочиште ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите, како и медицинска документација и податоци за повредените кои се јавиле за укажување на медицинска помош по пожарот во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Би можело да ве интересира

Судење за „Пулс“: Одбраната на Дејан Јованов бара исклучување на јавноста и реакција на судот за упатени закани кон него

Со исказ на вештак од Судска медицина продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Катерина Ѓуровски

Вештачење за „Пулс“: 157 лица со тешки повреди, 65 повредени – меѓу нив и деца

Одбраната на сопственикот на „Пулс“, повторно побара куќен притвор, родителите жестоко негодуваа

Најголем дел од жртвите во „Пулс“ се задушиле од јаглерод моноксид

Обдукциските наоди на жртвите ќе бидат презентирани на судењето за трагедијата во „Пулс“

Катерина Ѓуровски