„Студентскиот пленум е зачуден од неаргументираните напади од страна на Ректорот на УКИМ врз своите студенти. Студентскиот пленум во ниту еден момент не ја оспори потребата од градба на нови згради за колегите од ФИНКИ и ФФОСЗ. Затоа, јавно го прашуваме Ректорот, дали недостатокот од вистински одговори зошто не се гради на посоодветни локации, е она што го тера првиот човек на Универзитетот да манипулира со тезите?
Обвинети сме дека во редовите на Пленумот имаме „консултант“ кој конкурирал на проектот за изградба на овие згради. Нагласуваме, во Студентскиот пленум учествуваат само студенти и тоа во најголем број од УКИМ. Оние кои деновиве се борат за подобар студентски стандард на УКИМ се студентите од таму, а лицето кое Ректорот го посочува како консултант не e член во Студентски пленум, туку во МО „Мугра“.
Доколку навистина Универзитетот нема надлежност врз земјиштето на кампусот како што се правда Ректорот, тогаш јавно го прашуваме зошто во Имотниот лист бр.9128 пишува дека УКИМ има право на користење на тоа земјиште?
Потенцираме дека тука станува збор за неодговорно однесување на Ректорот и на Сенаторите на УКИМ.Тие ќе ги трпат последиците и тие ќе бидат одговорни за хаосот кој ќе настане заради лошото управување со просторот. Студентите кои сега се обидуваат да ги предочат овие аргументи ќе бидат веќе дипломирани, но и со чиста совест дека презеле сè што е во нивна моќ да го спречат урбаниот терор врз Универзитетот.
Студентскиот пленум, ниту лани, ниту годинава не е инструментализиран или партизиран, како што обвинува Ректорот. Студентскиот пленум останува непроменет! Она што е променето е поддршката од Ректорот. Додека за Законот за високото образование тој нè поддржуваше во целта, за факултетските згради тој остро нè напаѓа.
Мораме да ја информираме јавноста и за пристапот на Ректорот кон проблемот. Ректорот на нас, “партизираните и инструментализирани” студенти, ни понуди четири сенаторски места. Студентскиот пленум останува принципиелен и одбива да биде нелегално делегиран во Сенатот. Сметаме дека на моделот на студентско претставување му се нужни системски промени, а не ад хок политички пазарења, чија крајна цел е да се стави крај на автентичната студентска мисла!“, се вели во соопштението на Студентски Пленум.