Бирото за развој на образованието повторно реагира на барањето на ФИНКИ , факултетот да биде сместен во баракити каде што сега функционира БРО. Вчера со маратон до владата, студентите и вработените на ФИНКИ го повторија барањето.
Реакцијата на Бирото за развој на образованието ја пренецуваме во целост:
Иако, пред десетина дена Бирото за развој на образованието излезе со соопштение во јавноста дека го поддржува ФИНКИ во решавање на просторниот проблем и доизградба на зградата за Факултетот којашто се гради во Универзитетскиот кампус на УКИМ (или за друго решение кое ќе го понуди Владата), притисоците за дислоцирање на Бирото за развој на образованието продолжуваат и вклучуваат нови актери.
Сакаме повторно да истакнеме дека Бирото за развој на образованието е надлежно за образованието на децата од предучилишно образование, учениците од основното и од средното образование, како и за обука и стручна поддршка на воспитувачите и на наставниците. Дејноста на Бирото не е „административна“, туку стручна и образовна, со голем број други надлежности кои се во функција на учениците и на наставниците, како и активности за изработка и дистрибуција на педагошката евиденција и документација. Така што, за да се зборува за „дислокација“ и обезбедување на нови простории за Бирото за развој на образованието потребно е да се знаат наведените надлежности, активностите што секојдневно се одвиваат, како и специфичноста на работните задачи на советниците, потребата од соодветни канцеларии, сали за состаноци/работилници/семинари, магацини за педагошка документација (свидетелства, дипломи итн.). Токму затоа, изненадуваат „пазарењата“ во јавноста, преку медиумите, не само на раководството на ФИНКИ, туку, сега и на „поддржувачи“ од државни институции, кои го нудат „својот“ имот за „административците“ од Бирото. Затоа, повторно се обраќаме и порачуваме дека нема да прифатиме „наддавања“ и избрзани решенија за дислокација на институцијата, без да се земат предвид спецификите поврзани со дејноста и потребите на институцијата, согласно бројот на вработени и согласно услугите што ги дава на повеќе од 23.000 наставници, без да се изработи архитектонски проект и да се обезбедат целосно уредување на соодветен простор и соодветни услови за работа.
Она што изненадува во целата „приказна“ е зошто изминатите години ФИНКИ не беше „гласен“ и не притискаше за завршување на објектот наменет за Факултетот, зошто и сега не бара друго трајно решение, друга локација, туку притиска за добивање „привремени објекти“, дотраени бараки на друга институција, иако студентите „трчаат за зграда“, за нови простории, за подобри услови и тоа јавно го кажуваат, не сакаат бараки, туку современи простории.
Дали, до трајното решавање на „просторниот проблем“, навистина не може да се најде соодветно решение за студентите на ФИНКИ во рамки на „кампусот на техничките факултети“ со површина на земјиштето од 40692 m² и во објектите на факултетите со површина од околу 26000 m² во кои се образуваат вкупно 1700 студенти од другите факултети, па неопходно е да се „дислоцира“ институција која има во „владеење“ само 1000 m².
Иако нашата надлежност е за пониските степени на образование сѐ до високото образование, сепак, заради „проблемот“ на 5000 студенти без услови за работа, познавајќи ги законските решенија и во високото образование, јавно прашуваме:
1. Дали при акредитацијата на студиските програми ФИНКИ навел дека има обезбедено и просторни услови за изведување на наставата (што е услов/стандард за акредитација на студиска програма)?
2. Дали условите за акредитација на програмите (податоци за просторот) кои се наведени одговараат на бројот на запишани студенти? Дали „вината“ е во Агенцијата за квалитет во високото образование што дозволила акредитација без соодветни услови или е кај ФИНКИ кои прикажал услови што, всушност, ги нема?
3. Дали во случајот „барање простории“ повторно, заради пропустите на „други“, жртва се студентите, кои немаат услови за работа, кои се поттикнати „да трчаат“ не знаејќи ја вистинската позадина на проблемот?
Можеби прашањата ќе предизвикаат дополнителни реакции кај многу „засегнати“ страни, но сметаме дека добро е јавно да се поставуваат прашањата и да се даваат одговорите, инаку може многу често да ни се случуваат „трки“ и други „спортски дисциплини“ од страна на „влијателните“, „моќните“, на оние кои „во името на младите“, „решаваат проблеми“, непринципиелно и со притисоци, а младите ги оставаат „да трчаат за зграда“, ама чија?