Струшките разграноци на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ побараа поништување на изборните резултати во општината

Од:

Изборните резултати во Општина Струга за нас се целосно нерегуларни и неважечки, обвини Крсто Мукоски член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и координатор на изборниот штаб на кандидатот за градоначалник на Струга Владимир Кочоски, на денешната заедничка прес-конференција на оваа партија и СДСМ.

– Сакаме да ја известиме јавноста дека на вчерашниот ден на изборниот процес во Општина Струга, овие нерегуларности беа спроведени под дикаторство на повеќето членови од Општинската изборна комисија, етнички Албанци и претседателот на ОИК. Како доказ за овие нерегуларности се непризнавањето на резултатите од повеќе избирачки места каде што беа евидентирани празни избирачки ливчиња. Исто така, признавањето на резултатите од повеќе избирачки места каде што беа утврдени повеќе избирачки ливчиња во гласачките кутии. Оттука бараме од Државната изборна комисија да го поништи целосно вториот круг избори во Општина Струга и да овозможи фер и регуларно гласање, да овозможи нов изборен круг на којшто граѓаните на Општина Струга ќе ја изразат својата желба и волја под никаков притисок и диктат, истакна Мукоски.

Според пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуроска, ако ДИК ги потврди неправилностите коишто беа детектирани во рамките на вчерашниот изборен процес од страна на овластените претставници и членовите на избирачките одбори, тогаш треба да ги обезбеди минималните услови за легитимен избор.

– Ако во законот стои дека треба да се гласа со биометриска лична карта и биометриски пасош, тогаш тоа треба така да се направи и истите да соодветствуваат со личностите кои гласаат со тие исправи. Второ, барам разрешување на членовите на ОИК Струга, конкретно на претседателот на комисијата, Џенгис Хани, и членовите Камбер Даути и Патриот Даути кои беа директни учесници во сите овие нерегуларности, бидејќи истите беа поддржувачи на нерегуларниот изборен циклус. Бараме и промени во составот на изборните комисии, односно правична застапеност на Македонците во нив, истакна Затуроска.

Кандидатот за градоначалник на Струга од коалицијата „Заедно за Струга“ Владо Кочоски рече дека има сознанија оти неговиот противкандидат Села, на денот на изборите го прекршил Изборниот законик со тоа што вршел агитирање на неколку гласачки места и пропаганда за гласање.

– Тоа се случило во Лабуништа, Октиси, а исто така и пред Општина Струга. Апелирам до надлежните органи да преземат акција која што ќе биде во рамките на законот, подвлече Кочоски.

Носителот на листата од оваа колација, Ристо Ќушкоски од СДСМ кажа дека претставува парадокс честото присуство на албанскиот амбасадор во Македонија во Општинската изборна комисија во Струга. Тој потсети на уште неколку неправилности во рамките на вчерашниот втор изборен круг.

– Во избирачкото место 1907 во Лабуништа имаше јавно гласање. Шест луѓе гласаа јавно, а притоа, претседателот на избирачкиот одбор воопшто не реагирал. И во избирачкото место 1906 е затекнат еден член со туѓа лична карта да гласа. Претседателот на ова избирачко место наместо да го пријави, го заштитува, односно го извлекува од избирачкото место, потенцира Ќушкоски.

За претседателот на Комитетот на ВМРО-ДПМНЕ во Струга Перо Петкоски, не е дозволиво, како што рече, од изборниот процес да бидат отстранети овластените набљудувачи, инаку високи функционери во Владата на РМ.

– На повеќе членови и нивни заменици во избирачките одбори не им било дозволено да поднесат забелешки во конечните записници за сумирање на резултатите, секако под присила, изјави Петкоски.

Никола Затуроски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе влезе во новиот состав на Општинскиот совет како советник, рече дека на денот на изборите се приведени лица, меѓу кои и странски државјани коишто гласале за избирачи коишто се дел од избирачкиот список во Општина Струга. Поради ова, и поради останатите нерегуларности што ги споменаа моите соговорници, сметаме дека изборите во Општина Струга треба да се поништат, подвлече Затуроски.

Би можело да ве интересира

ЦИК на Грузија: Претседателските избори се сметаат за валидни

Горан Наумовски

Познати кандидатите на претседателските избори во Хрватска

Горан Наумовски

Романците пред нов историски „референдум“

Ќе се поништат ли претседателските избори во Романија, не очекувале таков резултат

Предраг Петровиќ

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски