Попот Виктор Стојчев, кој е оштетен во предметот, каде што таткото на Бојан Јовановски, Боки 13, Миле Јовановски беше осуден на казна затвор во траење од шест месеца, рече дека е нема да ја коментира пресудата, но дека правдата е задоволена.
„Правдата е задоволена. Сторителот ќе биде канзет. Пресудата не би ја коментирал“, рече Стојчев, кој ќе бара отштета во граѓанска постапка од татко му на Боки 13.
Попот кажа дека неговото семејство три години било под стрес и закани од семејството Јовановски и им се заблагодари на медиумите за интересот.
Судијката Александра Ристеска го осуди Јовановски бидејќи со умисла тешко телесно го повредил попот Виктор Стојчев на 7 јануари, Божик, 2017 година. Одбраната има право на жалба до Апелациониот суд. Јовановски денеска не дојде да ја чуе пресудата.
Според обвинението, Миле Јовановски на Божик, го нападнал попот Виктор Стојчев. Расправијата за паркинг, почнала кога попот обидувајќи се да го паркира џипот, не можел да влезе во дворот бидејќи возилото на Јовановски било паркирано пред влезот.
Татко му на Боки првин почнал да го удира попот со тупаници, а потоа продолжил да го удира надвор од возилото. Јовановски тврдеше дека бил испровоциран од попот.