Повеќето од пациентите кои се третираат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, ја примаат потребната терапија, рече денеска директорот на клиниката, Игор Стојковски, најавувајќи дека дел од лекови очекуваат во најкраток можен рок да дојдат, можеби во текот на утрешниот ден, а за други лекови работеле заедно со директорот на Фондот на обезбедување на донација.
– Една брза постапка, што ќе може да бидат во најбрз временски рок. Само да потенцирам дека повеќето од пациентите што се третираат на универзитетската клиниката за радиотерапија и онкологија, ја примаат потребната терапија, хемо, радиотерапија и биолошка терапија. Недостасуваат лекови за дел од третманот за околу 40 до 60 пациенти во моментов. Верувам дека во најбрз временски рок ќе ја обезбедиме таа терапија. Од околу пет илјади новорегистрирани пациенти на клиниката, над 95 проценти ја примаат соодветната терапија. Дефектура настана поради зголемен број на пациенти и кратка дефектура од еден лек, но пациентите се префрлаа на друг лек, што сега во моментов е во дефектура, појасни Стојковски.
Првиот човек на клиниката подвлече дека со добро и соодветно планирање, ќе ги направат сите напори да ги има сите лекови во секое време.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски рече дека во петок треба да бидат одобрени годишните планови и многу брзо после тоа треба да се има капацитет за спроведување на редовната годишна набавка.
Како што претходно информираа за МИА дел од пациентите на Онкологија, има недостиг од лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“