Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ околу користењето на терминот „Косово и Метохија“ на веб – страната на неговото Министерство, нагласи дека тоа е од изјава пренесена на неговиот Фејсбук профил при една негова посета на Белград, но дека тој како министер во македонската Влада, во своето политичко делување ќе се однесува согласно одлуките на македонската држава.
Сепак, вели тој за српскиот народ секогаш така ќе остане, бидејќи, како што рече, тоа е во согласност со Резолуција 1244 на Обединетите нации.
-Тоа е изјава која е пренесена од мојот Фејсбук профил при една моја посета во Белград и одговорив на албанските медиуми. За сите припадници на српскиот народ секогаш ќе биде Косово и Метохија, бидејќи тоа е во согласност со Резолуција 1244 на Обединетите нации, рече тој на настан по повод одбележување на Св. Сава – националниот празник на српската заедница во Македонија.