Демократската партија Србите во Македонија (ДПСМ) смета дека ниту една изборно политичка пресметка не може и ниту смее да биде повредна од загрозувањето на државноста како мерка за опстанок на генерациите кои доаѓаат, во контекстот на изјавите на челникот на опозицскито СДСМ, Зоран Заев за воведување двојазичноста.
„Во суштина, двојазичноста е само поинакво име за промена на уставно правниот систем и пристојна замена на повикот за директна политичка и економска дестабилизација на државата, и отворениот повик за излегување од уставната рамка во која е вграден и рамковниот договор, за вониституционално уредување на односите внатре во државата се крајно опасни по животот, правата и слободите на граѓаните и опстанокот на државата“, посочуваат од партијата на Иван Стоиљковиќ.
Според ДПСМ, очигледно е дека во таа и таква вонинституционална рамка, надвор од Уставот на земјата нема ниту место, ниту простор за елементарна егзистенција на припадниците на српската, но и на другите помали национални заедници, а како тргнала работата ниту за Македонија, каква што е денеска.
„Демократската партија на Србите во Македонија по ниту една основа нема да дозволи да биде ситен кусур во играта на политичките авантуристи кои имаат за цел не само да ја загрозат положбата на делот од српскиот народ во Македонија преку федерализации, кантонизации, поделби и слични вонуставни активности, туку и вредностите на заедничкото живеење кои ваквата политика сериозно ги нарушува“, се наведува во соопштението на партијата која е дел од владејачката коалиција преводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Порачуваат, исто така, дека припадниците на заедниците сериозно го препознале својот интерес во изборниот процес, и затоа се сигурни дека демократските избори ќе ги заштитат нивните тешко стекнати специфични права, бидејки „тие не се резултат на корупција, туку на успешната соработка во владината коалиција, која убедливо ќе победи на претстојните парламентарни избори“.