Сто и десет години од смртта на Гоце Делчев

Од:

Со панихида на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје денеска ќе бидат одбележани 110 години од загинувањето на идеологот на македонската револуционерна борба.

Претставници на државниот врв, Собранието на РМ,  локалната власт, научно-образовните и културните установи, партии и граѓански здруженија ќе положат  цвеќе на гробот на Делчев, како и на неговиот споменик на плоштадот „Македонија“.

Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.

Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови (2 до 7 мај) се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев. Делчев сметал дека се уште не се созреани политичките услови за кревање востание што, сепак, ќе се случи на Илинден, три месеци подоцна.

Неговиот 31-годишен живот почнува на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Во зачуваните писма, Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население:

„Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и, тогаш, тие доброволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.

Би можело да ве интересира

Во финална фаза подготовките за поставување бистата на Гоце Делчев во центарот на Пустец

Катерина Ѓуровски

Делегации се поклонија пред спомен релјефот на Гоце Делчев во штипско Ново Село, каде што учителствувал

Костадиновска-Стојчевска: Ги негуваме визиите на Делчев кој е синоним за културен натпревар меѓу народите

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: Битката за Македонија која Делчев ја доби е обврска за нас да ја продолжиме кон просперитетна и силна држава

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Ковачевски: Гоце Делчев би бил горд за она што го направивме, Македонија напредува

Горан Наумовски

Пендаровски, собраниска и владина делегација му оддадоа почит на Гоце Делчев по повод 152-годишнината од раѓањето