Од општина Пустец, од бастионот на Македонците во Република Албанија, порачуваме: Ние сме лојални државјани на Република Албанија, но остануваме горди и достојни Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ,порача лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција,МАЕИ од изборната конференција на Регоналниот комитет за Преспа.
Треба, рече тој, да градиме и наметниме политики на основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што значи: заемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи.
-Бараме договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на реципроцитетна основа. Македонска алијанса за европска интеграција е определена за политики на добрососедство, за продлабочување на евро-атлантската интеграција на Албанија во соработка со нашите стратешки партнери Соединетите Американски Држави и Европската Унија. Македонска алијанса за европска интеграција се залага за економски развој на областите Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник. Бараме промена на територијалната организација на локалната самоуправа, со цел формирање на две посебни општини во областите на Гора и Голо Брдо, бидејќи територијалната реформа на локалната самоуправа во 2015 година не даде резултати, таа не им помогна на Македонците кои живеат таму, нагласи Стерјовски.
Додаде дека од македонската и од албанската влада бараат договор за 24-часовна работа на граничниот премин Џепиште-Требиште во областа Голо Брдо, кај Дебар.
-Бараме гарантирани квоти за пратеници во албанскиот парламент за сите малцинства во Албанија: Македонците, Грците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците, и Бошњаците. Бараме право на образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија во сите степени на образование, во сите места каде што Македонците живеат, право на информирање на државната телевизија и радио со програми на Македонски јазик, право на вероисповед на Македонски јазик, право на културни и образовани установи за Македонците,рече меѓу другото Стерјовски.
Наведувајќи ги низата прашања кои тој до сега ги актуелизирал, откако на 16 мај стана пратеник во албанскиот парламент, со надеж дека истите ќе бидат реализирани упати апел до сите Македонци.
-Пред се, апелирам до сите, да бидеме единствени и обединети! Затоа што во слогата е победата, порача Стерјовски.
На изборна конференција што се одржа во Долна Горица,општина Пустец, Мала Преспа присуствуваа и Сашко Ташулов, вршител на должноста амбасадор на Република Македонија во Република Албанија, Ристо Никовски поранешен амбасадор на Република Македонија во Република Албанија, Бојан Маричиќ; национален координатор за интеграција во Европската Унија во Владата на Република Македонија и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, делегација од ВМРО-ДПМНЕ предводена од Трајче Димков пратеник во Собранието на Република Македонија, проф.д-р Силвана Ангелевска и Кирил Пецаков членови на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Костурски, претседател на здружението на Македонците со потекло од Егејска Македонија,Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес и Пали Колефски, градоначалник на општина Пустец.
Регионалниот комитет Преспа го сочинуваат огранокот на Пустец со месните комитети Пустец, Леска, Церје, Шулин и Зрноско, огранокот на Горица со месните комитети Долна Горица, Туминец, Глобочени и Горна Горица, како и огранокот на заграничните комитети.
На конференцијата беше избран Управен одбор на Регионалниот комитет за Преспа, за периодот 2020-2024 година, кој на првата своја седница треба да избере претседател.
Беа избрани други орган и тела, а за претседател на комисијата за лица со посебн потреби, беше избран Васил Јанкула познат како „преспански херој“.
По одржувањето на третиот Конгрес на партијата во септември 2019 година во Тирана и изборот на новото раководство една од задачите е реорганизација на партијата и формирање на нови комитети во сите делови на Албанија каде што живеат Македонци.
Во изминатиот период реорганизирани се месните комитети во општина Пустец, формирани се задгранични комитети од Македонци по потекло од општина Пустец кои живеат во Охрид, Битола и Ресен. Набрзо ќе се формираат задгранични комитети и во Скопје, Лерин и Солун. Овие задгранични комитети ќе функционираат во рамки на Регионалниот комитет Преспа. Се работи и на формирање организации на младите, жените и на ветераните на македонската партија.
МИА