Пратеникот од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ денес зема збор на Комисијата за финансирање и буџет во македонското Собрание.
Тој се осврна на амандманот на пратеникот од опозицијата, Фатмир Битиќи со кој се бара кратење на средства од субвенциите за спорт, потенцирајќи дека станува збор за амандман кој претходно го поднеле пратениците од ДУИ за пренасочување на тие средства за одбележување на Охридскиот договор.
„Нема да навлегувам во етнички и национални теми, ќе се задржам исклучиво на амандманот за да им објасниме на граѓаните за што се работи. Се работи за амандман претходно на колегите од ДУИ коишто бараа, наместо два милиони денари за чествување на Охридскиот рамковен договор, таа сума да стане пет милиони денари и ја одземаат од спорт. Од субвенциите за спорт, три милиони денари од субвенциите за спорт“, рече Станковиќ.
Понатаму, пратеникот посочи, дека на овој амандман се надоврзаа и пратениците од Социјалдемократскиот сојуз кои сметаат дека кратењето од субвенциите за спорт во износот од три милиони денари било малку, па побараа нивно кратење од четири милиони.
„Социјалдемократскиот сојуз смета дека и тоа е малку, па оди со амандман, вика не, шест милиони се потребни. Наместо два милиони денари, шест милиони да станат и тие четири милиони, исто така ги одземаат од спортот“, истакна Станковиќ.
Станковиќ додаде дека не е изненаден од барањето на опозициските пратеници за кратење на субвенциите за спорт, имајќи предвид дека во минатото покажаа дека за нив спортот е само играње фудбал во државни канцеларии.
„Јас не сум изненаден на ваквиот тип на амандман, бидејќи луѓе коишто спортот до сега до рачунаа дека е играње на фудбал во канцеларии, а чествувањата беа со по 300 илјади евра, така се навикнати. Тие се навикнати за спорт да се дава помалце пари, а повеќе пари да се дава на фешти. Затоа овој амандман е неприфатлив“, децидно рече Станковиќ.
