Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за општина Дојран, Борче Стамов на денешната прес-конференција рече дека ќе се залага да го развива и промовира езерскиот, здравствениот, спортско-рекреативниот, риболовниот и конгресниот туризам.
– Со тоа ќе ги задоволиме очекувањата и вкусовите на туристите, а нашата општина Дојран ќе ја направиме погодна и препознатлива дестинација на туристичката мапа и надвор од Македонија. Со цел привлекување на повеќе туристи општината ќе инсистира на квалитетно уредување на плажите на Дојранското Езеро од концесионерите, рече Стамов.
Тој посочи дека ова се дел од делата кои се визија и патоказ за развој на Дојран.
– Изминатите четири години локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ успеа да реализира неколку капитални проекти, кои го менуваат имиџот на Дојран, рече тој.
Во контекст на тоа ги спомена изградбата на кејот на Дојранското Езеро во должина од 3,5 километри, двете тениски игралишта во Нов и Стар Дојран, Музејот на првата светска војна, а при крај, како што рече, е уредувањето на рекреативна патека долж линијата на фронтот од таа војна.
– Конечно добивме репрезентативна Летна сцена за одржување културни манифестации во Дојран, а целосно е изградено ново основно училиште во Стар Дојран, рече Стамов.
Како најважни проекти во следниот четиригодишен период тој ги посочи формирањето на индустриска зона „Дојран“, уредувањето на градски пазар во Нов Дојран, изградбата на „Рибен пазар“ помеѓу Стар и Нов Дојран, на спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“ во Нов Дојран, а во соработка со Агенцијата за спорт и млади изградба на две повеќенаменски спортски игралишта во населените места Фурка и Николиќ.
– Ќе спроведеме низа проекти за проблемите со водата преку поврзување на водоснабдителниот систем со хидро системот Ѓавато, за населените места Нов Дојран и Стар Дојран, со што ќе се отстрани проблемот кој се јавува за време на летниот период кога има зголемени потреби за вода, рече Стамов.