Новата локална власт во Дојран ги постигна зацртаните краткорочни цели, а во наредниот период приоритет ќе биде промена на имиџот на Дојран од мало погранично место, во вистинска дестинација за одмор и рекреација, спорт и забава, но и за инвестиции.
Ова го истакна денеска градоначалникот на Дојран Борче Стамов на прес-конференција во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
– Тоа е нашиот план за обезбедување локален економски раст и развој и подобрување на стандардот на граѓаните. За тоа се потребни, многу труд и мерки, многу работа, многу акција на сите чинители во општината, но сите максимално сме посветени на процесите кои се отпочнати и ги носат промените во Дојран, истакна Стамов.
Тој информираше за проектите кои се завршени или отпочнати во изминатиов период во Дојран. При тоа ги спомена новата канализација линија, промената на водоводните цевки, реконструкција на пречистителната станица, уредување простор наменет за пазар во Стар Дојран, уредување на брегот на Дојранското Езеро, ново пристаниште со капацитет од 16 чамци, отворен е туристичко-информативен центар, асфалтирање улици.
– Посветивме големо внимание на уредувањето на брегот на Дојранското Езеро, со наши средства комплетно ја реновиравме плажата Калдрма во Нов Дојран, а исчистивме и отворивме простор за две нови плажи во Стар Дојран. Во тек е објава за прибирање на идејни решенија за две нови плажи, едната во должина од 500 метри, а друга 100 метри, кои треба да бидат готови за наредното лето, рече Стамов и додаде дека еден од нивните најзначајни проекти е отварањето на фронтовата линија, која ќе претставува своевиден музеј на отворено на Првата светска војна.
Тој додаде дека во соработка со Армијата на Република Македонија почнати се активности на уредување на теренот до бункерите и рововите од тој период, акција која ќе трае неколку години, а веќе привлекува туристи и гости од странство.
Во соработка со збратимената општина Чекмекој од Истанбул, како што рече Стамов, договорено е заеднички да се реконструира старата Саат-кула во Дојран.
Тој информираше дека во финална фаза се 9 урбанистички планови со општина Дојран како плановите за туристичко развојни зони 1 и 2, помеѓу Нов и Стар Дојран наменет за викенд куќи, планот за Сретеново и Карач, каде се предвидени локации за помали и поголеми хотели и авто-камп, план за голф терен и спа центар, две локации за винарии, а ри крај е и планската документација за индустриската зона Душаново.
– Во континуитет продолжуваме со процесите кои носат промени во Дојран, би ветил дека нема да го смалиме интензитетот на нашата работа, ќе оддржуваме блиски контаки и поддршка за бизнис секторот кој работи и е заинтересиран за инвестирање во Дојран и убеден сум дека со ваков пристап кон работата, 83-те проекти наведени во изборната програма ќе бидат остварени, а наша цел да реализираме и други, кои не се предвидени со програмата, истакна градоначалникот на општина Дојран.