Средби на Димитров со Катругалос, Сијарто, Блок и Залкалиани на маргините на состанокот на НАТО

Од:

На вториот ден од работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на маргините од министерскиот состанок на НАТО, до сега, оствари повеќе билатерални средби со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, министерите за надворешни работи на Унгарија, на Кралството Холандија и на Грузија, Петер Сијарто, Стеф Блок и Давид Залкалиани.

Како што соопшти МНР, на средбата со грчкиот колега Катругалос станало збор за процесите и правните чекори кои следат во врска со пристапниот протокол за членство во НАТО на Република Македонија. Од двете страни беше истакната цврстата волја за имплементирање на Договорот од Преспа, стои во соопштението.

За време на билатералната средба со унгарскиот колега Сијарто, се наведува, Димитров истакна дека случајот со бегството и добивањето азил на поранешниот премиер Груевски, е предизвик за билатералните односи меѓу Република Македонија и Унгарија, кој го третираме со голема внимателност и во согласност со принципите на владеење на правото кон кои Македонија се стреми, а да се остане посветен на патот кон одржување на односите меѓу двете земји.

-Ќе ги искористиме сите правни можности за негово соочување со правдата во Македонија, истакнал Димитров. Сијарто, пак, се посочува, ја повтори поддршката на Унгарија за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.

Со шефот на холандската дипломатија Стеф Блок, кој, се наведува, честиташе за завршувањето на втората фаза за уставните измени, станало збор за реформите во областа на владеењето на правото. Министерот Димитров посочил дека „нашата цел е да не оставиме никаков сомнеж меѓу земјите членки дека заслужуваме почеток на пристапни преговори со Европската унија.“

Со министерот за надворешни работи на Грузија, Давид Залкалиани, се разговарало за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

Димитров треба да оствари билатерални средби и со своите хомолози од Романија, Норвешка, Литванија и Турција.

На последниот ден од работната посета на Брисел, во рамките на НАТО, Димитров ќе учествува на министерскиот состанок на Северно-Атлантскиот Совет со земјите контрибутори во мисијата Решителна поддршка во Авганистан. Во рамките на ЕУ, Димитров ќе се сретне со високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Би можело да ве интересира

Во МНР отворена Книга на жалост за загинатите во трагедијата во Кочани

МНР: На девет амбасадори им завршува мандатот, неточни се информациите објавени на дел од порталите

Филипче покажа недоволно познавање на меѓународната политика, реагира Министерството за надворешни

МНР: Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација

Македонија ќе добие нови амбасадори во Украина, Јапонија и Хрватска

МНР ќе бара објаснување од Србија зошто е протерана македонска државјанка од Белград

Горан Наумовски