Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со новиот директор на фондацијата „Конрад Аденауер” во Скопје, Даниел Браун.
На средбата, како што информира Кабинетот на претседателот, се разговарало за севкупниот ангажман на Фондацијата, која одбележува 20 години работа во земјава и дава придонес во развојот на политичкиот дијалог меѓу политичките партии, градењето на општествен консензус за најважните стратешки прашања, како и во демократскиот развој, владеењето на правото, интеграцијата во Европската Унија и меѓурелигискиот дијалог.
Пендаровски ја истакнал улогата на Фондацијата како една од партнерските организации во работата на школата за политики во Претседателскиот центар за политичко образование. Претседателот изразил очекување дека Фондацијата ќе продолжи со соработка и партнерство со институциите во насока на поддршка на реформските процеси во државата.