Средба на историската комисија во Софија – разговарано за заеднички чествувања и за учебниците за VII одделение

Од:

Во Софија денеска и вчера се одржа 35. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, соопшти претседатлот на македонскиот дел од тимот проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.

При отворањето на средбата, македонскиот тим искажал благодарност кон Република Бугарија и нејзините институции за укажаната помош при згрижување и лекување на настраданите од трагедијата во Кочани, како и кон бугарското општество и граѓаните за искажаната емпатија и солидарност.

Средбата поминала во работна и конструктивна атмосфера, по прашања од делокругот на работата на Комисијата.

– Во текот на 35. средба, се дискутираше по предлог-препораки за македонските учебници за VII одделение, како и за евентуални заеднички чествувања. По однос на овие теми двете страни низ една динамична дискусија ги соочија своите ставови, при што не беше постигнат напредок. Притоа беа усогласени ставовите по нацрт-записникот од 29. средба, се наведува во соопштението.

Претходната средба за заедничката историска комисија се одржа во февруари годинава во Скопје. И следниот состанок на македонските и бугарските историчари предвидено е да се одржи Скопје во јуни.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември минатата година. Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски. Претседателот Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.

Би можело да ве интересира

Димитров: Се надеваме дека ќе има добра волја за заеднички јазик со македонските историчари

Почна средбата на Мешовитата историска комисија, прва со новиот состав на македонскиот тим

Прва средба на новиот тим македонски историчари во заедничката комисија со тимот од Бугарија

Ќе има истрага за хонорарите на членовите на Историската комисија

Мицкоски: Наскоро ќе се знаат новите членови на мешовитата историска комисија

Левица повикува да се потпише Македонска платформа: „Една изборна единица и распуштање на историската комисија“

Катерина Ѓуровски