Претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски денес попладнето во Скопје се сретна со специјалниот пратеник на министерот за надворешни работи на Германија, Јоханес К. Хајндл и разговараше за (последниот развој на) политичката криза во Македонија:
– Во два дена техничката влада беше „торпедирана“ и се озакони селективна аболиција. За Либералната партија владеењето на правото не е прашање на компромис. Целосното поништување на аболицијата и гарантирањето на работата на Специјалното јавно обвинителство се безусловни барања што ЛП ги споделува со граѓанските активисти, опозициските партии и меѓународната заедница. Затоа, за датум за избори сега е излишно да се зборува.
Потенцирајќи дека кризата илустрираше многу системски слабости, Величковски го реафирмираше ставот дека Македонија се соочува со суштински предизвици: „Земјата е на крстопат и или ќе го пронајде патот кон транзиција што ќе заврши со демократски и кредибилни избори, или кризата ќе ескалира одразувајќи се врз политичките односи, економијата и општеството – внатре и меѓу етничките заедници.“
Оценувајќи дека веќе не се можни ниту сегашниот, ниту видениот технички формат на Влада, Величковски го запозна Хајндл со погледите што Либералната партија ги застапува во јавноста:
– Препораките од Извештајот на Прибе јавно беа прифатени од пржинските потписници. Но, во овие околности нив може да ги спроведе само (експертска, концентрациска, транзициска…) влада адекватна за широкиот спектар на предизвици, и во формат поширок од пржинскиот и политичкиот. Договор за ваква влада меѓу политичките претставници кои јавно декларираат поддршка за владеење на правото, за осигурување на работењето на СЈО и за интегрирање на РМ во ЕУ и НАТО – е нужен под притисок на граѓаните и интересот на државата, а можен e поради вниманието на меѓународната заедница. За тоа е потребно одговорно лидерство.