Премиерот Никола Груевски денеска во Будимпешта се сретна со својот унгарски колега Виктор Орбан.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на Груевски, беа поздравени одличните политички односи кои постојат помеѓу двете земји во сите сфери од заемен интерес, кои се карактеризираат со континуиран и интензивен дијалог на највисоко ниво.
Стана збор за поголем број теми, како што се интеграциите на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, можностите за зголемување на билатералната економска соработка, можностите за превенција и минимизирање на заканите од глобалниот тероризам и механизмите за справување со предизвиците и ефектите од мигрантската криза. Беше истакната заложбата за унапредување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите, за што двајцата премиери ги истакнаа активностите што двете влади ги прават во тој контекст. Заеднички се констатираше дека има простор за зголемување на обемот на трговската размена и потенцијалот за инвестирање.
– Со оглед на нагласената економска димензија на посетата, најмногу простор во разговорот посветивме на можностите за дополнително интензивирање и продлабочувањето на билатералната економска соработка и на напорите што двете влади треба да ги направат во тој контекст. Се согласивме дека трендот на развој на економската соработка во последните години е позитивен, ветувачки, но и дека ни претстои уште доста работа, и има уште многу простор за интензивирање на економската соработка, и во смисла на поголема трговска размена и во смисла на повеќе инвестиции, изјави премиерот Груевски.
Премиерот Виктор Орбан на прес-конференцијата даде позитивна оценка за економските политики кои ги спроведува Република Македонија, истакнувајќи дека е потребно зголемување на економската соработка помеѓу двете земји.
Европската Унија може да ја смета Македонија како една од најстабилните држави на Балканот. Од година во година нашата економска активност во Македонија се подобрува, но тоа се уште е под потенцијалите кои постојат во соработката помеѓу двете држави и се надеваме дека седницата на унгарско-македонскиот економски комитет на крајот на годинава ќе даде поттик за економската соработка, бидејќи знаеме дека политиката придонесува за соработка помеѓу бизнисмените на двете држави, изјави Орбан.
Двајцата премиери разговараа и за европската интеграција на Република Македонија во светло на неодамна објавениот Извештај на Европската Kомисија и фактот дека веќе седум години по ред Македонија чека подготвена да ги отпочне пристапните преговори со ЕУ.
Премиерот Груевски истакна благодарност за поддршката која Република Унгарија ја овозможува за интеграција на нашата земја во Европската Унија и во НАТО.
– На денешната средба нагласив дека исклучително ја цениме и сме благодарни за отворената поддршка од Унгарија за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Унгарија е еден од нашите најголеми поддржувачи за членство во НАТО и ЕУ и тоа е видливо на сите значајни настани каде што се зборува за Република Македонија и тоа е нешто што ние високо го цениме и очекуваме заедно со нашите напори и заедно со напорите на другите наши пријатели во иднина да даде позитивен резултат, изјави премиерот Груевски.
Тој истакна и дека Република Македонија ќе остане посветена на спроведување на преостанатите клучни реформски приоритети.