Премиерот Никола Груевски во Буенос Аирес се сретна со потпретседателот на Аргентинската Република, Амадо Буду. На средбата беа констатирани пријателските односи помеѓу двете земји, и обостраниот интерес за нивно понатамошно продлабочување на секое поле од заеднички интерес и на билатерално и на мултилатерално ниво.
Соговорниците, како што соопшти владината прес служба, истакнаа дека политичките фактори од двете земји треба да влијаат на воспоставување конкретни економски односи со кои би се влијаело на интензивирање на економската соработка, трговската размена и соработката помеѓу компаниите.
Истакнато е дека Република Македонија и Аргентинската Република остваруваат и успешна соработка на мултилатерално ниво врз основа на принципиелните определби на двете земји.
– Континуираните реформи, иницијативите за подобрување на економскиот стандард и надминување на предизвиците предизвикани од негативните светски економски влијанија, како и модернизацијата на општествените сфери се приоритети на дејствување на двете земји, стои во соопштението.
Дадена е силна политичка поддршка за формализирање и заокружување на договорната рамка која овозможува предуслови за овозможување на слободен проток на лица, капитал и добра.
Премиерот Груевски истакна дека Аргентина е пријателска земја која нуди добри перспективи за соработка и потенцираше дека нашата земја посветено ќе работи на унапредување на односите во секоја сфера. Тој афирмираше дека преку економската соработка може да се реализираат цели од интерес за сите граѓани. Ги претстави и поволностите кои се овозможуваат за странските инвеститори кои би можеле да бидат искористени од страна на аргентинските мултинационални компании во ширење на своето производство на светските пазари.
– Дојдовме во посета на Аргентина заради зајакнување на политичките и економските односи. Ние сме далечни земји. Имаме добри политички односи, но не толку добри економски. Ние сме земји во развој и сите овие земји имаат свои адути на полето на индустријата и тие компании можат тесно да соработуваат. Нашето доаѓање овде е да воспоставиме контакти, да размениме информации, да оствариме контакт со Владата, со Сенатот, со индустриските комори, изјави премиерот Груевски.
Потпретседателот Буду ја поздрави нашата иницијатива за развој на меѓусебните односи чиј што резултат е посетата на владината делегација, истакнувајќи дека Аргентина целосно се согласува со поизразен активизам на овој план за што истакна и иден свој личен ангажман. Тој изјави дека доколку има потреба Република Македонија може да ги истакнува своите идеи за проекти, реформи, погледи и иницијативи во економијата и општествените дејности пред светските економски групации користејќи ја аргентинската логистика.
– За нас е многу важно да се соработува и да се градат добри односи што ќе резултира со отворање на работни места во двете земји. Економските и политичките односи се многу важни во отворањето на работни места во двете земји, бидејќи работиме за луѓето на Македонија и Аргентина, како и потпишување договор за соработка на полето на културата и размена на знаење што ќе ги изгради економиите на иднината, рече потпретседателот на Аргентинската Република, Амадо Буду
Соговорниците изразија подготвеност и за унапредување на парламентарната соработка преку специјализација на работни групи за развој на пријателските македонско-аргентински односи.