Средба Гир – Дамева, истакната важноста на независноста во работењето на Судскиот совет

Од:

Евроамбасадор Дејвид Гир денеска на средба со претседателката на Судскиот совет (СС) Весна Дамева, како што соопшти СС, ја поздравил одлуката на Управниот суд и дал поддршка во нејзиното понатамошно постапување, како и во идните активности и заложби на Советот, со цел да се обезбеди владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните.

-Амбасадорот Гир посебно се осврна на препораките на Европската комисија (ЕК), потенцирајќи дека 17 од 40-те препораки содржани во Извештајот на Оценската мисија на ЕК, можат веднаш да се спроведат, бидејќи се краткорочни, не бараат уставни и законски измени, и зависат од самиот Судски совет, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Судскиот совет.

Дамева го информирала Гир дека уште во текот на наредната недела ќе се одржи работилница финансирана во рамки на ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, на која ќе се разгледуваат и донесат заклучоци за секоја од препораките на Оценската мисија.

Амбасадорот Гир, стои во соопштението, изрази надеж дека Судскиот совет ќе пристапи и кон реализација на активностите содржани во новата Стратегија за правосудството, кои во значаен дел се однесуваат и на натамошното функционирање на Судскиот совет.

Средба со Дамева по нејзиното повторно враќање на претседателската функција во Судскиот совет денеска имаше и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп кој порачал дека Советот повторно може да смета на помошта од Холандија.

-Амбасадорот Дирк Јан Коп денеска се сретна со Весна Дамева, претседател на Судскиот совет (СС). Амбасадорот Коп е задоволен што Судскиот совет повторно е правен субјект. Сега е од големо значење и итност да се започне со враќање на довербата на јавноста и меѓународната заедница во Судскиот совет, стои во објавата на фејсбук профилот на Амбасадата на Холандија, а за средбата информираше и Судскиот совет на својата веб-страница.

Дамева дала преглед на начинот на кој на транспарентен начин ќе ги имплементира препораките на Оценката мисијата на Европската унија.

-Холандија сега силно ќе размисли за рестартирање на проектот со Судскиот совет кој беше суспендиран во мај минатата година, наведоа од Амбасадата на Холандија.

Весна Дамева се врати на претседателското место во Судскиот совет на 4 јануари, а по пресудата на Управниот суд дека не се образложени причините поради кои таа претходно беше разрешена. Критики кон Советот во изминатиот период упати амбасадор Коп, а коментирајќи ги случувањата во Судскиот совет во постапувањето на ова тело во однос на политичките притисоци врз Врховниот суд, амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер лани изјави дека СС не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски.

Би можело да ве интересира

Судски совет донесе заклучок за продолжување на постапката за избор на двајца членови на Советот

Судски совет донесе одлука за пензионирање на двајца судии

Судски совет ги оспори пред Уставен суд законските измени со кои се стопираше зголемувањето на платите на судиите

Судски совет: Со интервенција во законот директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите

Ѓорѓи Андонов и Тодор Поп Панев избрани за судии во Апелациониот суд Штип

Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ