Средба Џафери – Брегу: Решавање на отворените прашања меѓу државите во регионот за подобар стандард на граѓаните

Од:

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска во неговиот кабинет ја прими Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка.

-Претседателот Џафери изрази задоволство од оваа повторна средба со Брегу, кога регионалната соработка се интензивира и продлабочува, а особено во време на пандемија кога повеќето меѓународни состаноци се одржуваат виртуелно. Тој истакна дека, Република Северна Македонија посветува големо внимание на регионалната соработка, како клучна компонента за евроинтеграцијата на регионот и во континуитет активно учествува во работата на регионалните организации и иницијативи вклучително и на состаноците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Изрази задоволство што на пленарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ во рамките на косовското претседателство, државите учеснички успеале со консензус да усвојат финална резолуција и изрази надеж дека и следната година, кога со процесот ќе претседава Република Турција, овој позитивен тренд ќе продолжи, велат од кабинетот на Џафери.

Генералната секретарка Брегу му го честитала реизборот на Џафери, го поздравила формирањето на Владата и функционалноста на Собранието. Таа истакнала дека при посетите на Република Северна Македонија, секогаш имала плодни и конструктивни разговори на високо ниво и секогаш се чувствувала добредојдено.

Во однос на повеќегодишната рамка за регионална и економска соработка МАП-РЕА-2, Брегу нагласила дека оваа рамка е произлезена од Берлинскиот процес со кој во моментов ко-претседаваат Република Северна Македонија и Република Бугарија, и истата предвидува унапредување на дигиталната инфраструктура и поврзување на земјите од регионот, слободен проток на трговија и капитал, поддржување на иновации и претприемништво како и вложување во активности за привлекување на таленти во земјите од регионот.

-Таа посочи дека ко-претседавањето меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија е одлична можност на дело да се консолидираат и промовираат добрососедските односи меѓу двете земји. Бидејќи, иако Советот за регионална соработка работи интензивно во повеќе области за развивање на регионалната соработка, сепак заради нерешените политички прашања во регионот, како и предрасудите од минатото, се соочуваат со тешкотии во реализацијата на активностите, велат од кабинетот на претседателот на Собранието.

Џафери ја информирал Брегу за тековните активности на Собранието во насока на комплетирањето на делегациите за мултилатерална соработка и групите за билатерална соработка, како и преостанатиот чекор, односно именувањето на замениците министри на Владата.

-На крајот на средбата, соговорниците ја поддржаа парламентарната димензија во сите процеси на регионално здружување меѓу земјите и заклучија дека, сите случувања во регионот треба да се следат со големо внимание и постојано да се дејствува во насока на заедничко решавање на сите отворени прашања меѓу државите во регионот, сè со цел подобрување на животниот стандард на сите граѓани, информираат од кабинетот на Џафери.

Би можело да ве интересира

Собранието не расправаше за измените на Законот за заштита од заразни болести

Ана Ололовска

Ратификации на договори и спогодби и едно задолжување денеска пред пратениците

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи онлајн-седници на Собранието

Жарко Настоски

Седници на четири собраниски комисии

Ана Ололовска

Почна собраниската расправа по ребалансот на Буџетот

Ана Ололовска

Стојановска: Онлајн седниците на Собранието параван на власта за потврдување мнозинство

Zoran Conevski