Спасовски од Собрание: Храната за полициските службеници со новата јавна набавка е поквалитетна, а за 30% поевтина,

Од:

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието на Република Северна Македонија, во врска со јавната набавка за обезбедување на храна за полицијата, истакна дека МВР веќе даде одговор до јавноста дека за оваа јавна набавка нема апсолутно ништо спорно од процедурален и законски аспект.

„Направена е врз основа на анализа и економска оправданост, која е основа за да се распише било каква јавна набавка во делот на вакви услуги за набавка на храна, односно избор на оператор кој практично ќе нѐ снабдува со храна”, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски забележа дека две главни тези се констатирани во поставеното пратеничко прашање: „Дека токму сега, во мандатот во кој јас раководам со МВР, се обновени кујните, по најсовремени стандарди итн. Да, тоа е точно, благодарам за тоа што го согледувате и ја гледате разликата која е очигледно видлива. И, да ви кажам, не само кујните, туку имаме 78 целосно реконструирани објекти, врз основи на принципите на Владата за заштита на животната средина и енергетската ефикасност”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека покрај реконструкциите, во посочениот период се работеше и на изградба на потполно нови објекти.

„Втората работа, не само што се реконструирани, туку имаме изградено нови објекти. Последниот нов објект изграден во МВР беше во 2005, а ние за 6 години изградивме дополнителни два објекта од стратешко значење за МВР: еден во Прилеп – ИКТ Центарот и новиот Форензички центар. Остануваат уште два објекта, односно две кујни кои ќе се реконструираат, заради тоа што се работи за угостителски објекти на МВР“, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски категорично ја негираше констатацијата дека за првпат во историјата на независна Македонија се дава објект за исхрана на приватна компанија која треба да снабдува некоја единица.

„Не е точно, зашто објектот кој беше земен под закуп, надвор од касарната Илинден, за да таму биде служена храна на САЕ Тигар, цело време функционираше со оператор кој е од надвор. За цело време на 12-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше склучен договор со кафеана од Скопје. Не со фирма, туку со кафеана! Без никакви стандарди, без никаква гаранција и без никакво осигурување што се однесува на користењето на храна, доколку се случи во одредени ситуации да имаме труење со храна”, ги демантираше изнесените дезинформации министерот Спасовски, додавајќи дека сега, по над 40 години од основањето на Единицата, разликата е јасна.

„Сега, за разлика од тогаш, имаме објект, кој го преземавме од Министерство за одбрана и во САЕ Тигар направивме нов објект. Знаете каков беше тогаш Војничкиот клуб и по какви стандарди е направен сега – во делот на исхраната. Ако сакате може да разговарате со полициските службеници каква исхрана имале претходно, а каква имаат сега, дали се задоволни или не се?! Истото тоа може да го направите и со економскиот оператор кој ќе почне да работи и во Центарот за обука и во Полицискиот центар ‘Ѓорче Петров’”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека е добро оваа тема да се споделува во јавност за да се покаже колку ВМРО-ДПМНЕ работи против македонската полиција и МВР.

Во однос на оправданоста, министерот Спасовски потенцираше дека економската анализа покажува оправданост заради тоа што ова е рамковна спогодба, што не значи дека проценетата вредност треба да се искористи до крај, туку ќе се искористи согласно потребите.

„Ќе нема вработени кои ќе вработат во кујна, туку вработени од компанијата; постои банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на работите и постои осигурителна полиса за секој еден корисник на овие мензи – доколку нешто се случи да биде наплатена штета. Во тој дел е целосно обезбедено да не настане штета во делот на оперирањето”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека треба да се направат и градежни активности кои се во надлежност на фирмата-оператор со цел да се исполнат ХАСАП стандардите, како и нови маси, нови столици, нов прибор за јадење, чинии – сѐ што е потребно за еден објект да служи храна кога ќе има потреба“, аргументираше Спасовски.

Притоа, министерот Спасовски истакна дека и цената на оброците ќе биде помала: „Ако до сега, во Центарот за обука, кога нема кандидати на обука, сме имале вработени за кои се исплаќа плата, се троши греење, електрична енергија…, сега ќе нема таков трошок кога ќе нема кандидати. Односно, нема храна – нема трошоци! Анализата покажува дека оброкот сега и оброкот добиен со цената на оваа јавна набавка во Полицискиот центар ‘Ѓорче Петров’, на два анализирани оброка по мени, ќе има помала цена од 6 до 9 проценти, додека во Центарот за обука, заради периодот во кои не се работи, цената ќе биде и до 30 проценти помала“, елаборираше со економски показатели министерот Спасовски, појаснувајќи дека во цената на еден оброк не влегува само набавената храна, туку и пијалаците, марендата, електрична енергија која сега ќе ја покрива операторот, вработените на кои се исплаќаат плати и придонеси, како и чистењето на објектите, односно ‘икс’ ставки коишто придонесуваат за соодветна анализа на трошоците.

„Првенствено е да има подигање на квалитетот на исхраната и задоволство на полициските службеници“, подвлече министерот Спасовски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Спасовски: СДСМ бара зголемување на платите на полициските службеници и сите вработени во МВР

(ВИДЕО) Спасовски: Владата во случај на криза ќе нема пари за помош на граѓаните

(ВИДЕО) СДСМ бара 20% зголемување на платите на полицајците

А1он

Спасовски до Мицкоски: Направивте брутална партизација со бројни примери за непотизам

А1он

(ВИДЕО) Спасовски: СДСМ е против Законот за локална самоуправа, власта им одзема право на граѓаните да одлучуваат

(ВИДЕО) Спасовски за случајот „Галате“: На Македонија не и се потребни инциденти, особено не во делот на меѓуетничките односи