Kризата со мигрантите со која се соочивме пред три години покажа дека од суштинско значење е кооперативноста, партнерството и меѓусебната комуникација и помош, затоа што секој сам не може да се справи со таквиот бран што го видовме и пребродивме, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното негово обраќање ред учесниците на на „Џорџ Маршал безбедносниот форум“ што се одржува во Охрид.
Спасовски кој говореше на темата „Регионален пристап кон миграцијата – Од хуманитарни до безбедносни закани – мит или реалност“ истакна дека актуелните тенденции околу миграциската политика покажуваат дека регионот и Европа се свесни за неопходноста од заедништвото и соработката во справувањето со односните предизвици.
– Сите ние мораме да тежнееме кон заедничко правилно планирање и добра соработка и координација на национално и меѓународно ниво, во насока на воспоставување на ефикасен систем на гранична безбедност, притоа императивно ставајќи го во прв план одржувањето на потребното ниво на јавната и националната безбедност. Се разбира, ние сме должни и да најдеме соодветни начини како да им се овозможи неопходната помош на сите лица кои имаат потреба од помош, рече тој.
Спасовски уште потсети оти Македонија во текот на 2015 и 2016 година беше соочена со предизвикот, од една страна да обезбеди заштита на јавната и национална безбедност и јавното здравје, а истовремено целосно почитување на човековите права на мигрантите и на условите за овозможување на хуманитарна и медицинска помош што им беше неопходна.
– Всушност, може да се каже дека успехот во управувањето со миграциите во голема мера зависи токму од успешноста на истовременото справување со овие предизвици. Од оваа дистанца, сметам дека во голема мера успеавме во нашата намера, рече Спасовски, нагласувајќи оти глобалните кризи и глобалните ризици бараат глобални решенија притоа изразувајќи уверување дека од форумот во Охрид ќе произлезат конкретни заеднички предлози за тоа како да се зачува и подобри безбедноста и во рамки на регионот така и на глобално ниво.
Професорот Џејмс Серока од САД смета дека нема индикации за можно повторување на кризата со мигрантите од пред 18 месеци, но оти сепак тоа претставува најголемиот предизвик и безбедносна закана за Југоисточна Европа.
Што се однесува на Македонија, професорот истакна дека државата е добро подготвена за какви било сценарија, имајќи ги предвид искуствата стекнати од големиот бегалски бран, секако сметајќи ги тука и подготвеноста на граничните служби, полицијата, армијата.
– Она што недостасува се обучени кадри, ресурси, средства за надминување на проблемот, пари кои Македонија ги нема, уште повеќе што се работи за глобален проблем со кој треба да се справува меѓународната заедница, рече Серока, притоа оценувајќи дека при справувањето со проблемот главниот фокус треба да се насочи кон спроведување мерки за да се намали напливот бегалци и мигранти во земјата.
