Советот на обвинители треба да назначи в.д. на местото на Зврлевски

Од:

Советот на јавни обвинители денеска се очекува да назначи вршител на должноста јавен обвинител на Република Македонија, на местото на Марко Зврлевски кого Собранието на 17. овој месец го разреши од должноста.

Како што најави претседателот на Советот Петар Аневски по разрешувањето на Зврлевски, вршител на должност ќе биде назначен од неговите заменици, а ќе ја извршува должноста до изборот на нов државен јавен обвинител.

Владата на Република Македонија на завчерашната седница му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител.

Согласно член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на Република Македонија по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник”.

Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.

На предлог на Владата, Собранието на РМ на 17 август го разреши Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија. Во причините за разрешувањето Владата наведе дека Зврлевски ја вршел функцијата незаконито, ненавремено и недоволно стручно. Со своето однесување и дејствување, според Владата, покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед.

Би можело да ве интересира

Обвинителката Зорица Павловиќ од ОЈО Скопје избрана за член на Советот на јавни обвинители

Почнува постапката за избор на нов државен јавен обвинител

Вилма Русковска не е повеќе јавен обвинител – Советот на обвинители едногласно ја разреши од функцијата

Анита Петровска Рајковиќ

Кривична за поранешен јавен обвинител и деветмина негови познаници

Горан Наумовски

Наместо шефови, вишите обвинителства добија вршители на должност бидејќи немаше кворум за избор

Кристијан Ландов

Советот кој разрешува обвинители гневен: Им тече вода во канцелариите, климите расипани, пари нема

Горан Наумовски