Советот на општина Гевгелија денеска даде зелено светло за предлогот на градоначалникот Иван Франгов за намалување на општинскиот буџет за оваа година за околу 44 милиони денари или за 7,74 отсто од планираното.
Според градоначалникот Франгов предлогот за измените на буџетот произлезе од послабата реализација на приходите и другите приливи кои отстапуваат од планот и налагаат прераспределби на буџетските средства.
Во образложението на предлогот, Лилјана Кичукова од одделението за финансиски прашања на општина Гевгелија истакна дека приходите на основниот буџет се намалени за 26,3 милиони денари, а приходите од донации се помали за 5,7 милиони денари од планираното. Кај даночните приходи е забележана помала реализација за 15,5 милиони денари, а капиталните приходи бележат намалување од 10 милиони денари, рече Кичукова и додаде дека нема намалување кај приходите на самофинансирачки активности, неданочните приходи и ставката за трансфери и донации.
Со усвоените измени и дополнувања претходно проектираниот буџет на општина Гевгелија за 2014-та година од 567,5 милиони денари се намалува на 523,5 милиони денари.