Советот на амбасадори во денешното соопштение до медиумите го осудува инцидентот врз екипата на ТВ Ал Џезаира, предизвикан пред неколку денови на еден од протестните собири против енергетската политика на Владата.
-Физичката конфронтација на дел од активистите на тој протест со новинарката Милка Смилевска, постојана дописничка на оваа телевизија од Скопје, го дефинираме како крајно непримерен гест против граѓанските права и слободи воопшто и посебно, против правата за слободно, и професионално информирање на пошироката граѓанска јавност од страна на електронските и печатените медиуми, се наведува во соопштението.
Од Советот на амбасадори посочуваат дека решително стојат на позициите на поддршка на сите клучни уставни и законски одредби и прописи за заштита на слободата на изразување и на професионалноста во новинарската дејност.
-Овие вредности ги сметаме за решавачки и безусловни и во напорите на нашата земја што поскоро целосно да се вклучиме во големото европско семејство, каде што реално припаѓаме, и да ги достигнеме сите највисоки стандарди на однесување, иманентни на високоразвиените демократски општества, се наведува во соопштението од Советот на амбасадори.