Совет за етика: Ги повикуваме медиумите да информираат, а не да ги лажат граѓаните

Од:

Советот за етика во медиумите на Македонија и за време на изборите ќе работи на олеснување и поттикнување на процесот на саморегулација и доследна примена на стандардите на професијата, беше истакнато на денешната прес-конференција на Советот.

„Медиумите не смеат да дозволат да бидат арена за натпревар во кој најмоќните ќе се изборат да доминираат со своите пораки, а новинарите ги потсетуваме да бидат искрени кон публиката, но и кон фактите, за да не влезат во стапицата на навивачко новинарство“, рече Марина Тунева, Извршна директорка на Советот за етика во медиумите.

СЕММ изрази очекување дека и јавниот радиодифузен сервис, како репрезент на јавноста и јавниот интерес и во согласност со препораките од Европската радиодифузна унија, ќе има важна улога за време на изборите и во предизборната кампања. „Очекуваме да се исполнат заложбите за придржување кон етичките и професионалните стандарди на МРТВ преточени и во неодамна усвоените Насоки за етичко и професионално известување за изборите“, нагласи директорката на Советот за етика.

„Ги повикуваме медиумите да се држат до својата главна обврска, да информираат, да не ги лажат граѓаните, да им дадат простор на сите учесници во политичката сцена и да се отвори дебата пред јавноста“, истакна Драган Антоновски, претседател на Управниот одбор на СЕММ.

Како што информираше претседателот на Комисијата за жалби при Советот, Мирче Адамчевски, Советот досега има добиено 130 жалби за нарушување на стандардите на професионално известување, а основите најчесто се отсуство на втора страна во информирањето, говор на омраза, дискриминација и мешање на факти со мислења и на вести со коментари.

Би можело да ве интересира

Совет за етика: Изјавата на Заев е недолична и несоодветна за носител на јавна функција

А1он

Најмногу жалби до Советот за етика за некоректно известување и говор на омраза

А1он