Состојбата со браната „Пишица“ кај Пробиштип се уште е сериозна. И покрај отворањето на сите испусни вентили нагло е зголемено нивото на водата во браната при што на повеќе места е настанато излевање на водата.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека сериозен проблем преставува настанатиот процеп на дел на круната на браната каде имало најголемо прелевање на водата. Процепот е со широчина од околу 20 метри и длабочина од 3,5 до 4 метри.
Евакуирани се околу 140 жители од 40 куќи од селото Пишица, како и околу 600 грла ситен и 200 грла крупен добиток. Евакуираните лица се сместени во училишен интернат во Пробиштип, а состојбата со браната и понатаму се следи.
Критична е состојбата и со браната во Слатино, Охридско. Заради врнежите од дожд и зголемениот дотек на Мраморечка река можно е дополнително влошување. Извршена е техничка интервенција на преливниот праг со цел да се зголеми количеството на вода кое што од акумулацијата ќе се ослободува преку преливниот канал.
Во општина Штип во реонот на Ново Село извршено е испумпување на водата од куќите и поставен е насип од вреќи со песок покрај патот реката Брегалница. Од местото викано Кланица евакуирани се 81 лице. Поплавени се бунарите и електричните мотори на ЈП „Исар“ заради што е прекинато водоснабдувањето и се работи на остранување на дефектот.
Во кумановскиот регион евакуирани се 585 лица од Средорек и за нив се обезбедени храна, вода за пиење, ќебиња и греење. Во општина Старо Нагоричане има излевање на реката Пчиња при што е поплавена поголема земјоделска површина. Оштетувања има на мостот на реката Петроѓница на стариот пат Куманово – Крива Паланка. Во општина Липково по течението на Случанска и Матејачка река има излевања по целиот тек, а најпогодени се селата Опае и Лопате.
Поплавени дворни површини и земјоделски површини има и во повеќе села во битолскиот регион, како и во општините Кичево и Македонски Брод.
Во Струмичкиот регион се уште е во прекин патниот правец село Раборци – Попчево поради оштетување на мостот на Маркова река. Делумно или целосно поплавени се селата Сачево, Дабиље, Муртино, Моноспитово, Гратско Балдовци, Турново, Просениково, Добрејци, Сушево и Сарај. Браните Иловица, Новоселка и Маркова река се полни и преливаат.
Во прекин е и водоснабдувањето во селото Сушево, а населението со вода за пиење се снабдува од цистерна. Поплавено е целото село Пиперево и земјоделските површини, како и дел од населените места Ангелци, Градашорци, Владевци и Василево. Поплавени се дел и од селата Секирник, Зубово, Моноспитово, Босилово и Турново, а отежнато е движењето на возила по магистралниот пат Струмица – Република Бугарија.
Оштетување има и привремениот пешачки мост кај селото Ногаевци во општина Градско, а во општина Кавадарци поради излевање на реката Луда Мара поплавени се овошни насади во атарите на селата Глишиќ и Марена. Водата од водоводот Лукар е заматена и се превземени мерки за нејзино хлорирање.
Во општина Свети Николе водата е навлезена во околу 100-тина куќи. Околу 30-тина лица привремено се сместени во интернатот на средното училиште „Кочо Рацин“.
Поради излевање на реките поплавени се домови и оризови посеви и во општините Кочани и Чешиново – Облешево. Патниот правец село Тркање – Бање – Спанчево – Соколарци – Жиганци е во прекин кај селото Соколарци каде е однесен дел од патот.
Во општина Крива Паланка од надојдената вода на Крива река оштетен е мостот во село Костур, додека во општина Кратово поради излевањето на истата река кај селото Куклица поплавен е асфалтниот пат пред мостот на околу 200 метри.
Во скопската општина Илинден поради покачување на подземните води поплавени се околу 20-тина куќи. Екипите на јавното комунално претпријатие „Илинден“ работат на терен и ги откопуваат и чистат каналите. Во општина Петровец има излевање на реката Пчиња кај селото Горно Коњаре каде е поплавено земјоделско земјиште и околу 15 куќи, а монтажниот мост на реката Пчиња кај меноста викана Ветерско е урнат.