Во рамките на македонското претседавање со САД – Јадранската повелба, на 13 декември 2017 година, во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, ќе се одржи состанок на Партнерската комисија на Повелбата под мотото „Балканот напред – исполнување на визијата за целосна и слободна Европа“.
На состанокот со кој ќе претседава МНР Никола Димитров, ќе учествуваат делегации на членките на Повелбата: Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и САД, на набљудувачите Србија, Косово и Словенија, како и шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје.
Состанокот ќе биде посветен на постигнувањата кои произлегуваат од пораките на историскиот лидерски состанок на САД – Јадранската повелба одржан во Подгорица на 2 август 2017 и Состанокот на Министрите за надворешни работи, одржан во септември оваа година на маргините на 72-то Генерално собрание на ООН во Њујорк.
Во текот на работата на Партнерската комисија ќе бидат разменети мислења за активностите во рамки на Повелбата и нејзиното значење како инструмент за забрзување на процесот на евро-атлантската интеграција на Југоисточна Европа, актуелната политичко-безбедносна соработка во регионот, зајакнувањето на регионалната соработка и придонесот во соочувањето со актуелните безбедносни предизвици во Регионот и пошироко.
Со овој Министерски состанок се заокружува македонското претседавање со САД – Јадранската повелба и истото ќе биде предадено на Црна Гора како претседавач со Повелбата за 2018 година.