Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани изразија револт од динамиката на постапката и релевантноста на исказите на сведоците на одбраната, откако на денешното рочиште на судењето во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје, беа сослушани само двајца од вкупно седум повикани сведоци предложени од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов Деко.
Во изјава за медиумите по денешното рочиште, Александар Наунов, во име на семејствата на загинатите во пожарот, посочи дека од седум најавени сведоци на одбраната се појавиле само двајца, двајца биле повлечени, а пиротехничарот не успеваат да го пронајдат ниту судот ниту одбраната.
-Се поставува сериозно прашање – дали воопшто постои тој фамозен пиротехничар и врз основа на кои податоци е предложен како сведок? Сведокот Бојан од Гевгелија, пак, не ги потврди претходните најави дека имало запалување на озвучувањето. Според неговото сведочење, немало запалување, туку само испуштање чад. Оттука, се поставува прашањето каков е вистинскиот придонес на неговиот исказ за утврдување на причините и одговорноста за трагедијата, изјави Наунов.
Тој нагласи дека семејствата на загинатите на секое рочиште повторно ја преживуваат траумата од кобната ноќ, додека нерелевантните искази за одбраната значат уште еден работен ден и дополнителна дневница, а за државата непотребни трошоци од народните пари.
-Не бараме привилегии, туку сериозна, ефикасна и правична судска постапка, во која секој доказ и секој сведок ќе придонесат за утврдување на вистината. Нашата болка е реална, нашата загуба е неповратна, а нашето трпение не е бесконечно. Зад секое рочиште стојат родители кои ги загубија своите деца. За нас ова не е обичен судски предмет. Ова е борба за вистината, одговорноста и правдата за 63 изгубени млади животи – порача Наунов.
За денешното рочиште одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов имаше предложено вкупно седум сведоци, од кои само двајца беа присутни и сослушани.
Од останатите одбраната на Јованов повлече двајца, за еден рече дека има проблем со адресата, а други двајца од повиканите за денеска не се во земјава и најавиле дека ќе можат да присуствуваат кон крајот на декември и јануари.
Остануваат уште 11 сведоци предложени од одбраната на првообвинетиот. Двајца – Стојан Ампов и Марија Јованова ќе бидат обезбедени од одбраната за следното рочиште, а на останатите Судот ќе испрати покани.
Во судницата при Основниот кривичен суд Скопје, прва беше сослушана Анастасија Соколова, која хонорарно работела на шанк во „Пулс“ за викенди од 2022 до 2025 година и била на смена критичната вечер на 16 март. Соколова рече дека жариштето на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани било кај задната врата, поради што сите во паника тргнале кон главниот влез каде настанало стампедо, додека противпожарни апарати во дискотеката „Пулс“ забележала само во билетарата.
Втор денеска беше сослушан сведокот Бојан Спасовски, угостител од Гевгелија, во чиј кафе бар настап имала и групата ДНК.
Одговарајќи на прашања од одбраната на Дејан Јованов, Спасовски рече дека во кафе барот организирале и забави со жива музика и една во декември 2023 година настап имала и групата ДНК.
Спасовски рече дека со ДНК за настапот се договориле усно, а дека ќе користат прскалки, нагласи дека не го известиле.
За прскалките, како што рече Спасовски, дознал откако ги приметил зошто многу испуштале дим откако се изгаснале.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува на 11 ноември со изведување докази на одбраната, која има најавено повеќе од 240 сведоци.
Судењето почна на 19 ноември 2025 година, кога осум месеци по трагедијата на обвинителна клупа седнаа 35 обвинети физички и три правни лица. Во меѓувреме еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов почина.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
