Патниот и воздушниот сообраќај во државата утринава се одвиваат без забрани, во зимски услови.
Според информациите на веб страницата на скопскиот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, утринава реализирани се сите планирани полетувања и слетувања.
На патиштата низ државата сообраќајот се одвива по влажни коловози на дел од пониските места и претежно влажни коловози на повисоките каде наместа има остатоци од кашест снег.
Забрани за сообраќај на тешки товарни возила има на кракот Маврово – Дебар, Ресен – Битола преку планинскиот превој Ѓавато и Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.
Јавното претпријатие „Македонија пат“ информира дека нивните екипи постојано се на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни. Оттаму апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.
Од Управата за хидрометеролошки работи информираат дека денеска ќе биде сончево и студено со умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Во следните денови ќе преовладува период на претежно стабилно време со ниски утрински температури, особено во четврток кога на повисоките места ќе се спуштат и под -10 степени. Дневните температри до петок ќе бидат во благ пораст. Во петок и во недела ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд и снег.