Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци се одвива без забрани, по претежно влажни коловози.
Патниот правец П-1103 Неготино-Радовиш, односно Неготино-Штип преку Лакавица мост бр. 9, преку реката Вардар, кој беше затворен за тешки товарни возила, поради деформација, оштетување на мостот, е целосно затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци и е пренасочен преку Криволак, односно патниот правец Неготино-Криволак-Пепелиште и тоа само за лесни возила. Забраната за тешки товарни возила на тој патен правец се уште е на сила. Одлуката беше донесена од Комисија составена од претставници на ЈП Државни патишта, ЈП Македонијапат, Градежниот факултет, Институтот за патишта и сообраќајната полиција.
На автопатот Е-75 на патниот правец Велес-Скопје во тунелот кај Катланово поради изведување работи на електричната мрежа – осветлување сообраќајот се одвива по една коловозна лента, каде е поставена и соодветна сообраќајна сигнализација. Се очекува работите да потраат околу еден месец. На патниот правец Демир-Капија-Смоквица поради преместувањето на осветлувањето во тунелот кај Демир-Капија, сообраќајот по потреба се одвива по една сообраќајна лента, за што е поставена соодветна сигнализација и семафорско решение.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење поради дождот и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Да се внимава на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците каде е можна почеста појава на одрони, особено на патните правци Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Демир Капија-Удово, Кочани-Делчево и Берово-Виница кои можат да го попречат движењето на возачите. Дежурните екипи на ЈП Македонијапат се на терен и редовно ги контролираат и одржуваат проодни сите патни правци.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
АМСМ ги потсетуваме сите возачи дека законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, трае до 15 март.