Со реакција насловена „Не бил само универзумот бескраен..“ СОНК се заканува со тужба до Сител поради прилогот емитуван на вчерашните вести, а кој се однесуваше на тоа каде одат 72 милиони денари од членарината на синдикатот.
– Целата содржина на наведениот прилог е со бескрајни лаги преку кои дури и самите се надминаа, бидејќи во истиот прилог се обидоа да ја повторат истата лага од пред неколку години, околу холандската донација. Нивната цел преку овој прилог е многу јасна, ама ги прашуваме дали им се јасни и последиците?…
Раководството на СОНК, под целосна материјална, морална и кривична одговорност потврдува дека на жиро сметка на Советот на СОНК месечно и тоа повеќе години наназад, пристигаат по околу 800 илјади денари, или вкупно на годишно ниво нешто помалку од 10 милиони денари. Од овие средства, кои се единствени приходи во СОНК, се покриваат сите трошоци за нормално функционирање на Синдикатот од над 30 илјади членови (што е соодветно на бројот на жители во еден среден град во Р. Македонија), вклучително бруто платите на 6 вработени, кириите за просториите во кои е седиштето на СОНК ( во зграда која е во приватна сопственост) и сите останати трошоци кон членството, кон сите субјекти надлежни во државата, седници, семинари, работни средби и сл. на органите и телата на СОНК, протести, штрајкови, како и трошоци за меѓународната соработка , а во овој дел и членарината за Интернационалата за образование и Европската конфедерација на синдикатите за образование, која се плаќа околу 600 илјади денари на годишно ниво. Сакаме да споменеме дека сите години наназад со завршната сметка СОНК искажува непотрошени средства, кои всушност се резултат на домаќинското работење и тоа е до денар прикажано во Финансискиот извештај, што е кажано во одговорот на СОНК до ТВ Сител.
(Коректно или не, од нас, ама и ние имаме и лично достоинство, јавно изјавуваме дека доколку се потврди износот што ТВ Сител јавно го пласираше во прилогот, ќе го донираме на нивната ж-ро сметка). Најавуваме судска постапка за да се докаже кој ја кажува вистината , СОНК или ТВ Сител?
Од СОНК во реакцијата ја изнесуваат и комуникацијата што се одвивала со новинарот на Сител кој е автор на текстот.
– Што се однесува до делот во прилогот, во врска со одговорот што го добиле од СОНК на нивното прашање, и кое за сосема кратко време испративме текст преку меил, кој интегрално гласи:
Почитуван господине Александар, сакаме да Ве прашаме по кој член и кој закон имате право , а ние обврска, да Ви дадеме одговор на овие прашања? Но сепак, ќе ви кажеме дека Советот на СОНК секоја година поднесува финансов извештај за претходната година до највисокоит орган на одлучување на СОНК, а кој е изготвен од независно сметководствено биро и одобрено од страна на Надзорниот одбор на СОНК. Истиот извештај како законска обврска во законски определен рок , го доставуваме до УЈП. Досега не сме имале никаква финансиска забелешка од нивна страна. И на крајот, СОНК е единствениот синдикат во Република Македонија во кој , од осамостојувањето на Република Македонија па до сега , се вршени на два пати финансиски ревизии од страна на УЈП и ( за нивна жал) наодот е дека во СОНК не е злоупотребен ниту еден единствен денар.
ПС Почитуван господине Александар Спасовски ,може ли Вие да ми одговорите кога Сител ќе даде барем една изјава на Претседателот на СОНК, или на некој од членовите на највисикото раководство на СОНК, во врска со сите активности на нашиот синдикат и она што се случува со Генералниот штрајк…!!!
СОНК и дополнува дека погрешни се и презентеираните податоци на телевизијата за членарината.
И на крајот, износот на членарината што секој наш член ја плаќа изнесува 0,6%, а не 1% како што беше кажано во прилогот и е најниска синдикална членарина не само во Р. Македонија, туку во целиот Регион. Од тој износ 40% остануваат во установите, 30% во Регионалните одбори на СОНК и 30% во Советот на СОНК. Се останато не е весела математика, туку… оставаме секој сам да суди, пишува во реакцијата на Синдикатот.