Софтвери на фармите за следење на производството

Од:

Сто фарми во Македонија ќе добијат бесплатни софтвери за следење на производството со цел поголем квалитет и високи приноси. Преку примената на информатичко-комуникациската технологија земјоделците воедно ќе имаат увид во остварениот профит и никој не ќе може да ги манипулира при откупот.

Ова е дел од проектот за чија реализација Федерацијата на фармери, Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството и словенечката компанија „Даталаб“ денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Станува збор за напредно управување со фарма преку водење сметководство, добри земјоделски практики и евиденција на агротехнички мерки.

– Со воведување софтверски решенија практично се поставуваат темелите на модерното, интензивно земјоделство во Македонија. Ќе покажаме дека нашиот аграр е европски и дека, покрај државната финансиска поддршка, во него инвестираме многу, и преку различни проекти, истакна директорот на Агенцијата Игор Златков.

Многу важна компонента од ИТ менаџирањето на фармите е можноста, нагласи, да се знае каков е начинот на работење, дали има и кои се евентуалните пропусти, како и колкава е цената на чинење на производот.

Како што истакна Андреј Мертељ од „Даталаб“, крајно време е информатиката да му помогне на земјоделството.

– Целта ни е многу едноставна. Двојно да се намалат бирократските трошоци и времето потребно за административните процедури, да се подобри квалитетот на храната и количината на производство. Особено е битно што ќе се намали загадувањето, внесувањето нитрати и потрошувачката на нафта, посочи Мертељ.

Според претседателот на Федерацијата Никола Стаменов, сметководствениот софтвер значително ќе им ја олесни работата на производителите и ќе ги намали манипулациите со нив.

– Менаџирањето на фармите преку компјутер е пракса во европските држави. Тоа сакаме да се применува и тука за да им овозможи на нашите земјоделци благовремен увид во посевите, да знаат како и што се случува со нив, навреме да реагираат ако е потребно со единствена цел – производство на здрава и квалитетна храна, напомена Стаменов.

Фармите, мали и средни стопанства, кај кои ќе се инсталира сметководствениот софтвер, ќе се бираат наесен, а практичната примена на софтверот се очекува од идната реколта. За земјоделците е предвидена обука за користење на мобилните апликации кои ќе бидат дел од проектот. Допрва ќе се прави анализа колку од нив имаат компјутери и елементарни ИТ познавања. Мертељ од „Даталаб“ смета дека жителите од руралните подрачја многу повеќе користат компјутери и интернет поради изолираноста, но кај нив е скапо воспоставувањето мрежи бидејќи се малку на број.

Би можело да ве интересира

Трајков: Идентитетот е вредност што мора да се чува

Горан Наумовски

СДСМ: Додека Европа ја преиспитува Конвенцијата за мигрантите, Македонија ризикува изолација

Горан Наумовски

Македонија и Србија со рок: Гасниот интерконектор ќе е готов до 2027 година

Горан Наумовски

Советот на јавните обвинители ја назначи Наташа Крстевска Цалева за в.д. шеф на Вишото ЈО Скопје

Почна истрагата за падот на авионот во Мавровското езеро

ЗНАМ: Среќа за сите што Милошоски не е премиер на Македонија