Собранието усвои три предлог-закони во прво читање

Од:

Собранието на Република Македонија денеска во рамките на 31-та седница усвои три Предлог закони во прво читање.

Во прво читање со 61 гласа за и еден против беше изгласан Предлог законот за комплементарна и алтернативна медицина.

Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој закон ја воспоставува рамката за професионално практикување на комплементарната и алтернативната медицина и се однесува на сите кои практикуваат вакви методи и постапки.

– Комплементарната и алтернативната медицина опфаќа методи и постапки за дијагностика, лекување и рехабилитација, кои благотворно делуваат или би можеле благотворно да делуваат на човековото здравје или неговата здравствена состојба, а кои согласно медицинската доктрина не се опфатени во здравствените услуги согласно медицината заснована на докази, рече Рангелова.

Појасни дека со овој закон се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот, организацијата и примената на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина и на лицата кои применуваат методи и постапки на комплементарна и алтернативна медицина.

Со предложеното законско решение се уредуваат и прашања поврзани со установи за комплементарна и алтернативна медицина, Центарот за традиционална кинеска медицина, квалитетот на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, Комората за комплементарна и алтернативна медицина, лиценцата за работа, стручниот надзор над работата на практичарите на комплементарна и алтернативна медицина и други работи кои се однесуваат на комплементарна и алтернативна медицина.

Пратеничката Роза Топузова Каревска рече дека е добро што се носи ваков закон и дека треба да се регулира оваа сфера бидејќи, како што рече, има многу надрилекари, но за предложениот закон, таа укажа на повеќе недостатоци и лоши предлози коишто треба да се корегираат.

Пратениците го усвоија и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка во прво читање.

Заменик на министерот за правда Билјана Бришкоска-Бошковски во образложението рече дека овие измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка произлегуваат од потребата за натамошно унапредување на законските решенија со кои се уредува парничната постапка, зајакнување на правата на странките и нивните законски застапници или полномошници, поттикнување и развој на медијацијата во Република Македонија, како и системско усогласување на одредбите во посебната парнична постапка по платни налози.

– Предложените измени и дополнувања на законот за Парничната постапка се во правец на подобрување на бизнис климата во Република Македонија преку зајакнување на законските механизми за остварувањето и заштитата на правата на странките во парничната постапка, истакна Бришкоска-Бошковски.

Во прво читање пратениците го усвоија и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Народен Правобранител со кој, како што рече Заменик на министерот за правда Билјана Бришкоска-Бошковски ќе се изврши усогласување со Законот за ратификација на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.

Појасни дека со Предлог законот ќе се исполнат поставените критериуми за добивање статус А за Национална институција за човекови права. Потребата од целосен мандат кој ќе вклучува промоција и заштита на човековите права е воедно нотирана и во Извештајот за напредокот на Република Македонија од 2013 година.

Би можело да ве интересира

Митрески: Борбата за работничките права не престанува никогаш

А1он

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски