Собранието расправа по измените на Законот за лекови и медицински помагала

Од:

Собранието на Република Македонија во рамки на денешното продолжение на 72. седница ги донесе без расправа измените и дополнувањата на Законот за спорт во прво читање и дополнувањето на Законот за безбедност и здравје при работи по скратена постапка, а ја почна и расправата по измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските помагала во прво читање.

Министерот за здравство Никола Тодоров образложувајќи го предложеното законско решение рече дека меѓу најкрупната измена е воведувањето паралелен увоз на лекови и медицински помагала од Турција и Русија.

Според него, станува збор за паралелен увоз на лек кој е регистриран во Република Македонија, а целта е да се направи притисок да се намали цената на лековите и медицинските помагала, што би довело до сериозна заштеда.

– Паралелен увоз е кога еден лек, кој е веќе регистриран во Македонија и го произведува една компанија. На пример  лек на „Баер“ наместо да се купи од Македонија да се купи од Грција, Турција, Холандија и Германија. Значи истиот тој лек со истото име, со истата активна супстанца да се увезе, појасни министерот.

Тој додаде покрај ова со измената се регулира и обврската лекарот и фармацевтот да водат сметка за несаканите дејства на лековите, се предвидува можноста за отворање аптеки во рурални области, како и неможноста да се акумулира маржата на прометот на големо меѓу две веледрогерии.

Мнозинството ги поддржува измените и смета дека тоа е за доброто на граѓаните. Пратениците од СДСМ во распрвата најавија дека ќе гласаат воздржано во прво читање, а Ивон Величковски од Либерална партија се изјасни дека нема да го поддржи законот ниту во прво читање.

Миле Пачемски од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека измените кои се однесуваат на паралелениот увоз од Русија и Турција водат кон поголема конкуренција на лековите, поевтини лекови и поголема заштеда на здравствените установи и граѓаните.

Тој потенцира дека не треба да има сомнеж во квалитетот на лековите и помагалата што доаѓаат од овие земји, посочувајќи дека тие се големи пазари и дека имаат и поразвиен здравствен систем.

Паралелен увоз се воведува за да се урне монополот на некои веледрогерии. Нема ништо спорно. Треба да го гледаме гледаме интерсот на нашите граѓани. Ако истите лекови се произведуваат во некоја западноевропска земја, а има иста фабрика во Турција и каде има поевтин лек не е грешка од таму се увезе лекот, истакна Пачемски.

Менде Диневски од СДСМ искажувајќи дека оваа пратеничка група ќе биде воздржана од гласањето во првото читање, забележа зошто законот нема европско знаменце. Тој побара од предлагачот да даде образложение зошто овие две земји не биле предвидени при претходните измени кога бил воведен паралелен увоз, како и за тоа какви се ефектите од воведениот пралелен увоз во предходните две години.

Ивон Величковски од Либералната партија смета дека измените нема да ги даде посакуваните ефекти. Забележа дека лековите нема да имаат соодветен квалитет. Според него  различен е квалитетот на европскиот производ, отколку во другите земји. – Стандардизацијата и потребите на тоа поднебје се различни. Зарем нашите стандарди треба да бидат пониски, посочи Величковски.

Расправата ќе продолжи по едночсовната пауза по барање на пратеничката група на ДПА.

Би можело да ве интересира

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски