Собранието ја утврди потребата од носење нов законот за класифицирани информации

Од:

Собранието на денешното продолжение на 114-та седница ја утврди потребата од носењето на новиот законот за класифицирани информации и го даде на натамошно читање.

Образложувајќи го Предлог законот, министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека ова законско решение подразбира сериозно прилагодување кон европските регулативи меѓутоа, како што додаде, најважно е дека гарантира и високо ниво на усогласеност со стандардите и принципите при ракување со класифицирани информации на Алијансата.

-Законот е една од важните карики што треба да го обезбеди не само нашето членство во НАТО, туку треба да го обезбеди нашето учество како партнер на кој НАТО може да се потпре, рече Шекеринска.

Посочи дека сегашниот Закон за класифицирани информации во принцип не е лош закон и создаваше прилично добра основа за ракување со класифицираните информации меѓутоа, како што посочи, искуството во изминатиот период и за жал бројни широки толкувања на класифицираните информации доведоа до ситуација да ги забележиме нашите сиви точки и зони и потреба тие прашања подобро да се регулираат.

– Со законот за класифицирани информации нашата држава ќе ги гарантира безбедноста и на информациите што ќе бидат класифицирани и од НАТО. Во случај да постои проблем, тоа ќе стане проблем на Алијансата. И затоа Алијансата во ниту еден момент не е подготвена да ризикува. Додека денеска Собранието дискутира на оваа тема и во Министерството за одбрана и во неколку други институции низ државата се завршуваат подготовките за обезбедување соодветни простории за пристап на НАТО генерираните информации, бидејќи истите мора да имаат заштита при доаѓање, значи при нивно трансферирање по електронски пат, мора да имаат физичка заштита на местото каде што се добиваат, меѓутоа пред се и над се мора да имаат процедурална заштита и да дефинираат кој ќе има пристап до такви информации, рече Шекеринска.

Во законот за класифицирани информации, како што истакна, се прави добар баланс помеѓу заштита на информациите и она што е многу важно и помеѓу злоупотребата на класифицирањето на информации за да се покријат злоупотреби.

-Сме имале такви случаи и примери во минатото и тие мора и со закон да се спречат. Затоа она што го кажува законот е дека се разбира секој од имателите на класифицирана информација има обврска истата да ја чува, освен ако класифицирањето е направено со цел да се прикрие незаконско однесување и ние такви ситуации во минатото каде што трошењето на парите од Буџетот беше класифицирано за да не може да биде достапно до јавноста сме ги виделе и овој закон не смее да биде покритие за такво однесување во иднина, нагласи министерката за одбрана.

Од друга страна, како што додаде Шекеринска, во законот точно е дефинирано која ќе биде процедурата за издавање безбедносни сертификати и особено пристапот на одреден број лица до класифицираните информации од страна на НАТО.

-Еден од проблемите со кој се соочивме е дека преголем број лица во различни сектори од државата имале НАТО сертификати од најразлични причини, не сакам сега да влегувам во нив, и тоа за НАТО беше еден од ризиците кој не смеат да го дозволат. Велат, не може држава која пристапува до НАТО да има процентуално поголем број приматели на НАТО сертификат од оние кои сме во НАТО веќе 50 години. И навистина сакам да им честитам на најголемиот број институции што успеаја во овој релативно краток период бројот на лица коишто ќе имаат пристап до вакви документи да го намалат до реални и возможни граници, рече Шекеринска.

Додаде дека само во Секторот одбрана бројка од 1.200 до 1.500 лица кои поседуваат сертификати сега се намалува на 200 до 300.

– Политиката на НАТО е вградена во овој закон, а тоа е дека пристап до НАТО сертификат треба да имаат оние лица чија што работа побарува да имаат контакт со НАТО информации. Не е тоа ливче кое што служи за да си го пишеш во биографија, туку инструмент да можеш да си ја работиш својата работна задача, истакна Шекеринска.

Законот, како што рече министерката, е усогласен и со стандардите на НАТО, а во голема мерка ги одразува и европските стандарди.

– Би сакала овој закон да биде навистина еден од законите којшто ќе ни биде усвоен пред претстојниот Лондонски самит каде што како држава ќе имаме шанса на рамна нога, на иста маса да учествуваме во работата на најмоќната Алијанса, истакна министерката Шекеринска.

Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека неговата пратеничка група во оваа фаза ќе го поддржи Предлог законот, но и дека предлагачот се обидува да протне предлози што опозицијата нема да ги поддржи и ќе биде гласна против нив.

-Еден од тие предлози е да се искреира ново функционерско место – заменик директотр на Дирекцијата за безбесноста на класифицирани информации. Ако земеме предвид дека оваа дејност во другите земји членки на ЕУ, на НАТО ја вршат комисии составени од пет, 10 или максимум 15 члена, во Македонија, Дирекцијата вработува околу 40-тина лица, а згора на тоа новото законско решение нуди уште едно место заменик – директор, рече Димитриев.

Според него, тоа е непотребно бидејќи тоа е несериозен однос на трошење финансиски средства со кои располага оваа институција.

Димитриев најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има веќе изготвено неколку амандмани што попрецизно ќе ја дефинираат оваа материја, но и отвораат и една нова тема, а тоа е дали лица кои поседуваат двојно државјанство треба да имаат безбедносен сертификат од највисок степен државна тајна, евентуално строго доверливо.

-Не треба да имаме преголем број лица кои поседуваат безбедносен сертификат, бидејќи така полесен е увидот како тие лица управуваат со класифицираните информации, рече Димитриев.

Независната пратеничка Емилија Александрова посочи дека во оваа фаза ќе го поддржат Предлог законот за класифицирани информации, но оти понатаму ќе поднесат амандмани со цел да се подобри законското решение.

Пратеничката Фросина Ременски од СДСМ рече дека постојниот закон регулира еден повисок степен одговорност за размена на класифицирани информации со земјите членки на НАТО, како и со Алијансата и оттука оправдано е намалувањето на бројот на лицата кои поседуваат НАТО сертификати.

-Многу институции кои имаат или работат со класифицирани информации скоро и да немаат подзаконски акти ниту исполнуваат основни услови за чување и заштита на истите. Тоа укажува дополнително на обврската институциите да пристапат кон носење подзаконска регулатива не само во делот на законот за класифицирани информации, туку и на другите закони кои се врзуваат со инспекцискиот надзор и со Законот за укажувачи, затоа што немањето подзаконски акти и немањето соодветна грижа на институциите токму за овој вид на информации не ги става во поволна позиција да управуваат со класифицираните информации, но не ги иззема од одговорноста доколку не се заштитени истите на соодветен начин, рече Ременски.

Пратениците по редовната пауза попладнево ќе ја продолжат седницата со расправа по Посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања – Претседателски избори и предвремени избори за градоначалник на Општина Охрид, градоначалник на Општина Ново Село и градоначалник на Општина Дебар 2019 година.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Мицевски: На СДСМ поважен му е потпретседателот од законот за минимална плата

Габриела Димковиќ-Мишевска

ВИДЕО: Рамчиловиќ изгласан за потпретседател на Собранието

Габриела Димковиќ-Мишевска

Милошоски: Во ВМРО-ДПМНЕ сме искрени, не сме за една изборна единица, Заев манипулира

Габриела Димковиќ-Мишевска

Самит на ИЦПД во Најроби – Време е да се заврши незавршената работа

Ана Ололовска

Собраниската расправа за нов заменик-министер за здравство ќе продолжи по паузата

Ана Ололовска

Димовски: Едно од најголемите ветувања на оваа влада за изградба на новиот Клинички центар веќе е „реализирано“

Ана Ололовска